Објавена програмата за 63 издание на „ Струшките вечери на поезијата“. Ќе се одржат од 22 до 26 август, со учество на повеќе од 25 странски и домашни поети од постарата и помладата генерација. Фестивалот годинава оди под мотото „ Допир на убавината“, потенцирајќи го контактот на човекот со убавината, отелотворена во поетскиот збор, но и како почит кон иновирањето на Брајовото писмо, преку кое слепите лица се поврзуваат со поезијата. Во рамките на одбележувањето на 90 и 95- годишнините од раѓањето на нашите истакнати поети Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски, ќе биде објавен избор од нивната поезија со Брајово писмо , што го подготви професорката Кристина Николовска. А, поетскиот портрет на добитникот на Златниот венец, истакнатиот француски поет, Жан- Пјер Симеон , традициоонално ќе се одржи во црквата Света Софија во Охрид.
- Во рамките на програмата, предвидени се портрети на добитниците на наградите „ Мостови на Струга“. Годинешна добитничка е германската поетеса Катрин Пиц, за нејзината дебитантска збирка „ Вакви денови имало одсекогаш“, како и портретот на добитникот на наградата „ Браќа Миладиновци“, за 2024 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август. Конкурсот траеше до 25 јуни. Истакнатиот шведски поет Бенгт Берг ќе биде претставен со избор поезија. Оваа година во рамките на фестивалот ќе биде претставена и добитничката на возобновената награда „ Млада Струга“, Филипа Сара Попова. Во рамките на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан , поврзан со настапот на избраните поети од платформата „ Версополис“, проект поддржан од Европската комисија, кажа Тодорче Тасевски, директор на „ Струшките вечери на поезијата“.