Вести Македонија Топ вести

Семејството на тримесечното бебе си пружи рака со медицинската сестра, а министерот ги очекува писмените извештаи за случајот

Семејството ги повлекло обвинувањата за насилство од меѓуетничка нетрпеливост, медицинската сестра им пружила рака и двете страни постигнале примирје.

Случајот кој ја разбранува јавноста и отиде од една во друга крајност за само неколку дена веќе има разрешница, уверува директорот на Клиниката за детски болести.

Но, повреден е угледот на врвната здравствена установа за грижа на деца и од менаџментот на клиниката нема одговор – што со тоа.

Стручна комисија беше формирана за да ги утврди сите факти во случајот и да открие дали нехумано третирање или пак специфична здравствена состојба, е причина за модринките кај тримесечното бебе.

Сега има објаснување дека модринките на десната рака настанале ненамерно, при земање крв на бебето.

Веднаш по помирувањето помеѓу двете страни, Комисијата престанала со работа, информира директорот на Детска, доктор Реџеп Мемеди, читајќи соопштение пред да се соочи со прашањата на новинарите.

„Вчера, со иницијатива на директорот на Универзитетската клиника за детски болести, доктор Реџеп Мемеди е реализирана средба помеѓу родителите на доенчето и медицинската сестра. Родителите на детето се покажаа доблесни и медицинската сестра изрази подготвеност за да се согласат дека настанот повеќе е последица на погрешна комуникација и недоразбирање и си дадоа рака на помирување. Откако се постигна помирување на двете страни, комисијата ја прекина својата работа“, вели доктор Реџеп Мемеди, директор на Клиниката за детски болести.

Да се слушнат и двете страни на приказната, па да се носат заклучоци.

На ова повика министерот Таравари, откако пред неколку дена заедно со директорот на Детската клиника отидоа во Сарај во посета на семејството, а потоа порача дека ќе има итно расветлување на случајот, а потоа и одговорност.

Таравари вели дека ги очекува писмените извештаи и факти коишто постојат за случајот.

„Нема некакви докази дека тоа е намерно направено. Како што кажав на почетокот, да бидеме внимателни, да ги слушнеме и двете страни. Не верувам дека постои здравствен работник којшто би бил подготвен да повреди дете од три месеци. Така што, треба да бидеме внимателни. Јас очекувам на писмено да ги прочитам сите констатации на Комисијата од Клиниката за педијатрија, па повторно ќе ве известам сите“, вели министерот за здравство, Арбен Таравари.

Директорот на Клиниката за детски болести, доктор Мемеди, се огради од коментарите во јавноста со кои беше доведена во прашање професионалноста на медицинската сестра со деценија ипол работен стаж.

Не одговори дали таа ќе добие извинување, но смета дека е исправно тоа што уште во петокот го посети семејството на тримесечното бебе.

„Тоа е нормално значи, кога пациент се жали апсолутно има приоритет пациентот, детето. Тоа беше викенд, требаше да се формира Комисија, да се анализираат сите информации и податоци. Апсолутно немаше потреба од брзање, секое брзање не е во интерес на вистината. Значи ние не сносиме одговорност за коментарите на индивидуалци. Ние одговараме за конкретни и за официјални податоци и информации кои ги анализиравме и донесовме заклучок“, изјави д-р Мемеди, директор на Клиниката за детски болести, одговарајќи на прашања.

Вчера се огласија и од Здружението на медицински сестри, со апел – да не се фрла сенка на професијата и да не се генерализира, затоа што така трпи фелата, а во моментов нема докази за нехуман однос со бебето пациент.

Посочија дека будно го следат целиот случај и очекуваат надлежните да се произнесат со вистински факти и аргументи.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пукање во центарот на Штип- еден повреден, напаѓачот во бегство

Дејан Дејан

Политички актер кои прифатил сервилност во Владата вака Села ги коментира изјавите на Таравари

Дејан Дејан

Американецот Роберт Превост е новиот папа со името Лaв XIV

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе