Исламистичките бунтовници Хути во Јемен нападнаа три брода, вклучително и танкер за нафта, во Црвеното и Средоземното Море, користејќи балистички ракети, беспилотни летала и чамци преполни со експлозиви, потврди американската војска.
Армијата на Хутите соопшти дека најновите воени операции биле одговор на саботниот израелски воздушен напад врз градот Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, во кој загинаа најмалку 90 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа.
Во десетици напади од ноември, Хутите потопија два брода и зазедоа уште еден, убиле најмалку тројца морнари и ја разнишале глобалната трговија, принудувајќи ги сопствениците на бродови да ја избегнуваат популарната трговска рута преку Суецкиот канал.
Неодамна, тие станаа поефикасни во оштетувањето на бродовите, најчесто користејќи беспилотни, вооружени бродови кои ја оштетуваат ранливата водна линија на бродот.
Во телевизиски говор, воениот портпарол на Хутите рече дека цел биле бродот за рафинирани производи Бентли I и танкерот за нафта Хиос Лајон во Црвеното Море.
Централната команда на американската армија ги потврди нападите доцна во понеделникот и рече дека нема извештаи за штета или повредени.