Вработени на определено време во театарите, Националната опера и балет и во Филхармонијата, чекаат изменa на постојниот Закон за култура за да им се трансформира статусот и да бидат примени на неопределено време. Се работи за 160 уметници од категоријата А за кои од Синдикатот за култура на Македонија, на состанокот со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, побарале да се разгледа ситуацијата со трансформацијата на нивните работни места и да се најде решение за проблемот. Од СКРМ велат дека измената на законот влегла во собраниска процедура уште пред изборите, но поради распуштање на Собранието, постапката била закочена.
„Се работи за уметници од категоријата А, според Законот за култура, кои се вработени на определено време и секоја година треба им се продолжат договорите, што ги става во неизвесна положба зашто зависат од волјата на директорите на институциите. И се дискриминирани, за разлика од останатите вработени во установите од културата, кои се примаат на неопределено време. Затоа побаравме измена на членот 77- в, од Законот за култура, со што сите ќе се вработуваат на неопределено време“, велат од Синдикатот за култура на Македонија.
Во членот 77-в од Законот за култура стои дека за започнување на постапка за вработување на давателите на јавни услуги во културата, директорот на јавната установа согласно годишниот план за вработување, донесува одлука за објавување јавен оглас. А, уметниците од категоријата А можат да засноваат работен однос до пет години, за разлика од останатите даватели на јавни услуги во културата кои се вработуваат на неопределено време.
Од министерството велат дека нивен приоритет сега и во иднина останува унапредувањето на состојбите на националните установи и подобрување на статусот на невработените. И за таа цел, дополнително ќе биде разгледана можноста за трансформација на работниот однос на вработените во културата, од определено на неопределено време.
На состанокот кај министерот се разговарало и за носењето на новиот Закон за култура, почитувањето на Колективниот договор за култура, за исплатата на додатоците на плати, според колективните договори и на стручните звања во секторот Заштита на културното наследство. Од СКРМ побарале регулирање на работното време во институциите од изведувачките уметности и да запре доцнењето на платите во локалните установи од културата . На следниот состанок со министрот Љутков, во блиска иднина, детално ќе се работи на решавање на овие проблеми, дополнуваат од Синдикатот за култура.
Сотир Трајков