Потрошени милиони и неколку пролонгирани рокови, но нов автопат од Кичево до Охрид нема. Последниот законски рок во кој треба да биде готов е крајот на 2026 година. На делницата се појавија низа проблеми, а допрва треба да се прави и дислокација на објекти. Но, министерот за транспорт Николовски е убеден дека за година и половина ќе биде завршен.
Првиот рок во кој требаше да биде завршен автопатот Кичево – Охрид беше 2018 година. Неколку месеци претходно се зборуваше дека повеќе од 45 проценти од работите се завршени.
Но, брзо по оваа изјава дојде нова Влада, а рокот за завршување на автопатот беше продолжен до јуни во 2021 година. Но, и ова не беше доволно, па се даде нов – крајот на 2023 година.
Но, автопат од Кичево до Охрид нема. И владата на СДСМ и ДУИ замина и од скоро има нова во која е ВМРО-ДПМНЕ, партијата во чие време пред повеќе од 10 години почна да се гради автопатот. Но, пред промената, на само неколку дена пред почетокот на изборната кампања, на итна седница падна договор повторно да се пролонгира рокот за финишот – овој пат тоа да биде крајот на 2026 година.
Министерот за транспорт Николовски е сигурен дека тоа ќе се случи.
„И она што можам да ви кажам е дека како ќе правиме ќе правиме, ветувањето кое што го дадовме и тоа го напишавме и во нашата програма е до крајот на 2026 година, Охрид -Кичево ќе биде завршен“, изјави министерот за транспорт, Александар Николовски.
Од градежниот факултет велат дека вакви линиски проекти бараат посебно внимание. На прашањето дали на самиот старт се избрзало со проектот конкретно не одговорија, но кажаа ако денес се прави, сè би било поинаку.
Досега за изградба на автопатот се одобрени и земени кинески кредити во вредност од над 600 милиони евра. Поранешната влада на СДСМ и ДУИ се правдаше дека новите свлечишта и лошото планирање се причина за спората работа додека ВМРО-ДМПНЕ како опозиција обвинуваше за неспособност да го реализира. Автопатот беше и дел од ревизијата на ДЗР за неуспешни капитални инвестиции.
За автопатите кои треба да ги градат „Бехтел&Енка“, пак, Николовски тврди дека договорот нема да се раскинува, но ќе бараат од другата страна да се согласи тој повеќе да не биде државна тајна. На конзорциумот досега му се исплатени околу 250 милиони евра, но ДЗР процени дека тие не градат според планот.
Ирена Чачкова