Вести Свет Топ вести

НАТО Самит во Вашингтон – Украина е на „неповратен“ пат кон членство во Алијансата

Лидерите од НАТО самитот во Вашингтон вечерва ќе ги утврдат условите кои Украина ќе треба да ги исполни за да стане членка на алијансата, откриваат дипломатски извори. Во заедничката изјава од самитот тие ќе ја гарантираат посветеноста на алијансата на Украина. Иако Украина нема наскоро да ѝ се приклучи на алијансата, таа сепак ќе продолжи да ја добива поддршката на бојното поле, порача генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Цврсто верувам дека кога борбите ќе завршат, мораме да гарантираме дека Украина е способна да одврати идна агресија од Русија, и за тоа им се потребни безбедносни гаранции, и секако, најдобрата и најсилната безбедносна гаранција ќе биде Членот 5. Затоа, верувам дека начинот на кој ќе осигуриме крај всушност е членство во НАТО, порача столтенберг.

Генералниот секретар исто така инсистираше и дека алијансата се адаптира на новите предизвици кои ги поставува Русија, но и Кина, која ја нарече „клучен овозможувач“ на војната во Украина.

Изминативе месеци гледаме еден шаблон на зачестени руски непријателски акти против НАТО сојузници, организирани од руските безбедносни служби. Се работи за саботажа, се работи за сајбер напади, се работи за потпалувања. Се работи за повеќе различни видови на штетни постапки против НАТО сојузниците, рече столтенберг.

Претходно Белата куќа соопшти дека ловците Ф-16, кои уште минатата година беа ветени на Украина, и за кои украински пилоти со месеци се обучуваат во САД и Велика Британија, тргнале на пат кон земјата. Не е познато колку вакви летала ќе ѝ бидат отстапени на Украина, освен тоа дека ловците доаѓаат од САД, Холандија и Данска.

Со задоволство можам да соопштам дека, додека ние зборуваме, трансферот на авионите Ф-16 е во тек, од Данска, од Холандија, и тие авиони летово ќе летаат на украинското небо за да гарантираат дека Украина ќе продолжи ефикасно да се брани од руската агресија, изјави американскиот државен секретар Ентони блинкен.

Историскиот самит на НАТО се одржува во сенка на американските избори и кризата која го зафати кампот на претседателот Џо Бајден по неговото катастрофално издание на претседателската дебата пред две недели.

Во редовите на демократите изминативе две недели се води жестока дебата дали Бајден треба да се повлече и конвенцијата идниот месец номинацијата да ја даде на друг кандидат.

Вознемиреноста кај сојузниците во Вашингтон може да се почувствува, коментираат аналитичарите, поради можното враќање на Доналд Трамп, кој за време на првиот мандат беше жесток критичар на алијансата и товарот кој САД мораа да го поднесат за нејзиното функционирање.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Целосно прекинат сообраќајот во двата правци на патниот правец Стенковец – Блаце а затворен и граничниот премин Блаце

Дејан Дејан

Рускиот министер за сообраќај претпладнево доби отказ, попладнево пронајден мртов

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе