Собранието мора поактивно да се вклучи во борбата против корупцијата, наместо да биде само гласачка машина на законите кои доаѓаат на предлог на владата. Пратениците имаат на располагање низа алатки кои може да ги користат во борбата против корупцијата, но многу ретко ги користат.
Наместо тоа, со нивната работа или неработа често ја опструираат борбата против корупцијата.
„Во една ваква постапка беа изгласани измените на кривичниот законик и нели осакатувањето на она дело „злоупотреба на службена положба“, каде што драстично се намалија казните и тоа доведе до застарување на голем број предмети“, изјави Благоја Пандовски од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.
Невладините организации кои се занимаваат со борбата против корупцијата велат дека е несфатливо пратениците да не расправаат за извештаите на Државниот завод за ревизија, Државната антикорупциска комисија или регулаторните тела кои констатираат пропусти и неправилности.
„Само кај вас недостасуваше веројатно политичка волја механизмите се присутни има добри поставени закони и услови проблемот е таа политичка волја за да кога веќе кажа каде се предизвиците дали сакаме“, изјави Лидија Стојкова – Зафировска од Национален демократски институт.
Како пропусти во борбата против корупцијата се наведуваат недонесувањето на Законот за ревизија кој две години стои заглавен во институциите или расправите по извештаите на регулаторните тела кои се одложуваат со месеци. Во цел четиригодишен мандат, Собранието одржа само една надзорна расправа за случајот Онкологија.
„Извештајот за капитални инвестиции на ДЗР, јас би ја прекинал секоја расправа во собрание или нова седница би почнал дента кога извештајот ќе се објави. На собранието тоа му е работа. Собранието го плаќа ДЗР за да му каже како ги троши парите, а собранието вика несакам да знам како ги трошиме парите“, изјави Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
На дискусијата „Нови заложби за борбата против корупцијата“, главниот државен ревизор Максим Ацевски рече дека во изминатите две години имаат добра соработка со јавното обвинителство. Според него, во изминатите три години испратиле 41 извештај со сомнежи за неправилности до Обвинителството, а во 85 отсто од случаите обвинителството отворило постапка.
Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Сосиетас цивилис Скопје“, кои ја организираа дискусијата, заклучи дека пред носење на законите, пратениците може да побараат антикорупциска проверка на легислативата, проценка на влијание на законите, да одржуваат надзорни расправи, но ја потенцираше и недоволната екипираност на инспекторатите.
Срѓан Стојанов