Вести Свет Топ вести

Западниот Балкан, заедничката одбрана и подобра конкурентност како приоритети – Унгарија од утре го презема претседавањето со ЕУ

Унапредување на политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, зајакнување на заедничката одбрана и подобрување на европската конкурентност, се трите врвни приоритети на претседавањето на Унгарија со Европската Унија во следните шест месеци, што официјално стартува утре и чие мото е „Да ја направиме Европа повторно голема“.

Постојаниот претставник на Унгарија при ЕУ, Балинт Одор на прес-конференција во Брисел на која ја презентираше унгарската програма за претседавањето со блокот, порача дека Будимпешта има седум приоритети.

„Европа се соочува со вонредна ситуација, проблеми како што се војната во соседството или миграцијата. Ова претседателство ќе биде како никое друго досега. Ќе бидеме чесни посредници и ќе се обидеме искрено да соработуваме со земјите членки и со институциите на ЕУ“, изјави Одор.

Тој посочи и дека во однос на проширувањето на ЕУ, „погледот на Унгарија“ ќе биде насочен кон Западниот Балкан, наместо кон Украина како што беше за време на претходните две претседателства.

„Кога станува збор за Западниот Балкан, би сакале да видиме што поголем напредок. Наша цел е да отвориме и затвориме што повеќе преговарачки кластери. Мораме да го забрзаме овој процес“, изјави Одор.

Покрај проширувањето, одбраната и конкурентноста, меѓу приоритетите на унгарското претседателство ќе бидат и зајакнување на сигурноста на надворешните граници на ЕУ, спроведување на кохезивните политики, поддршка на земјоделството и решавање на демографските проблеми на блокот.

Унгарскиот амбасадор при ЕУ најави и дека Унгарија планира да организира самит во регионот меѓу претставници на ЕУ и на шесте земји од Западниот Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора. Сите земји, освен Косово, имаат статус на кандидати за членство и официјално ги започнаа пристапните преговори, освен Косово, кое засега е само апликант за прием во Блокот.

Но, освен делумно на Црна Гора, преговарачките процеси на Северна Македонија, Албанија и Србија со ЕУ се во застој, од различни причини, додека Босна и Херцеговина сè уште е во очекување да биде закажана првата Меѓувладина конференција на која би била усвоена Преговарачката рамка и патоказите со што би бил означен официјален почеток на преговорите.

Меѓу останатите прашања на кои ќе се посвети унгарското претседателство се унапредување на поединечните постоечки законски предлози, усогласување на позицијата на ЕУ за Самитот на климата (КОП 29) и презентација на сопствените планови за геотермалната енергија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Деспотовски го оспорува изборниот резултат но нема да дејствува како фракција во СДСМ

Дејан Дејан

Гривчева Старделова со барање до Таравари за нејзино разрешување како медицински директор на Гастро

Дејан Дејан

Полицијата сè уште трага по напаѓачите во Батинци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе