Почетокот на повторното судење за пожарот во модуларната болница е одложен за 25 септември, откако на денешното рочиште во Основниот суд во Тетово не беа присутни претставници на Клиничка болница.
Апелацискиот суд Гостивар по јавната седница во април предметот го врати на првостепениот суд, додека ослободителната пресуда за докторот е потврдена.
Во одлуката на Апелација, меѓу другото, се вели дека отсуството на образложени причини за решителни факти, ја прави обжалената пресуда нејасна, неразбирлива и неподобна за целосно испитување по однос на нејзината правилност, на што основано се укажува во изјавените жалби на обвинетите.
Инаку со пресудата на Основниот суд Тетово, донесена на 5-ти јуни минатата година, за пожарот во кој починаа 14 лица, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше изречена условна казна од 18 месеци, додека докторот Бобан Вучевски беше ослободен од обвинение.