Од септември ќе има учебници за сите ученици вети новата министерка за образование и наука Весна Јаневска. Која уште на почетокот на својот мандат има оптимистички став и вети бројни реформи во образованието. Воведување на нов електронски дневник, подолга целодневна настава, градинките под одговорност на Министерството за образование, промени во концепцијата на поранешната министерка Мила Царовска и уште многу други ветувања.
„Од вчера, од првиот ден откако сум влезена во министерството бараме начини како да ја подобриме, измениме или надоградиме концепцијата. Денес ќе одам да се сретнам со директорот на Бирото за развој на образование за да се договориме околу деталите“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Јаневска рече дека оваа година ќе биде преодна за наставните предмети и програми, а ветувањата околу концепцијата ќе ги исполни од наредната 2025/26 година. Најави повисоки плати за наставниците и исплаќање на заостанатите средствата за учениците. Но вели дека за исполнување на сите овие ветувања потребно е повеќе време.
„Молам за трпение, се ќе биде направено, но меѓутоа во два дена не може“, додаде Јаневска.
Министерството за образование и наука со години наназад се соочува со проблеми. Доцнење на учебниците според новата концепција за основно образование, бројни пропусти и грешки во дел од новите учебници, немање зграда за студентите на ФИНКИ и низа други проблеми. Останува прашање дали министерката ќе успее да ги реши проблемите и да ги исполни ветувањата.
Тамара Марковска