Почетокот на повторното судење за пожарот во модуларната болница во Тетово е одложен за 25 септември, откако на денешното рочиште во основниот суд во Тетово не беа присутни претставници на клиничка болница.
Апелацискиот суд Гостивар, по јавната седница во април, го врати предметот на првостепениот суд, додека ослободителната пресуда за докторот е потврдена. Во одлуката на Апелација, меѓу другото, се вели дека отсуството на образложени причини за решителни факти, ја прави обжалената пресуда нејасна, неразбирлива и неподобна за целосно испитување, по однос на нејзината правилност, на што основано се укажува во изјавените жалби на обвинетите.
Инаку, со пресудата на основниот суд Тетово, донесена на 5 јуни лани, за пожарот во кој загинаа 14 луѓе, на обвинетите поранешни директори на болницата Флорин Бесими и Артан Етеми им беше изречена условна казна од 18 месеци, додека докторот Бобан Вучевски беше ослободен од обвинение.