Вести Македонија Топ вести

ДЗР: Од 24 капитални инвестиции вредни 4 милијарди евра, само еден проект завршен

За 220 милиони евра скокнала вредноста на проектот за изградба на Коридор VIII од железничка инфраструктура кон исток, фаза 3 покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија за реализација на капиталните инвестиции. Според билатералниот договор меѓу ЕУ и земјава првично планираната сума била 340 милиони евра, но била зголемена на 560 милиони евра.

„Фазата на планирање и подготвување на проектот трае предолго и постои голем ризик од губење на ИПА грант средствата во износ од 60,7 милиони евра и идни фискални импликации поради потреба од обезбедување на дополнителни средства од Буџетот на државата, се наведува во извештајот на Државен завод за ревизија.

Воедно во извештајот се нотира и дека фазата 1 и 2 од изградбата на железницата иако биле започнати во 1996 година се уште и после 28 години не се завршени, при што во вода биле фрлени 4,6 милиони евра  поради неисполнети услови за ефективност на заемот.

За вечниот автопат Кичево Охрид, кој и по 10 години не е завршен и во претходниот извештај беше наведено дека ќе чини 589 милиони евра, а новиот рок за негова изградба е крајот на 2026 година.

Слична е и ситуацијата со автопатот долг 10 и пол километри од Скопје до граница со Косово кој никако да започне и со години се планира, а проценетата вредност од 112 милиони евра е зголемена на 198 милиони евра. Тоа значи дека еден километар ќе чини речиси 20 милиони евра.

За изградба на Коридор 8 и Коридор 10д во должина од 108 км, чиј изведувач е фирмата Бехтел и Енка, бидејќи е донесен специјален Закон со кој се уредени условите и начинот за градба, ревизијата не можела да ја потврди проценетата вредност од 1,3 милијарди евра.

„Заклучно со декември 2023 година само 0,12% од трошоци се однесуваат за градба што покажува отстапување од планираната динамика за градба“, покажува ревизијата. 

Од проектите за животна средина, најскапа е изградбата на Пречистителна станица за отпадни води на Град Скопје за која се скараа надлежните. Обезбедени се 196 милиони евра , и доделени се и  69,7 милиони евра од ЕУ.

„Иако за овој проект се обезбедени средства, подготовката на овој проект е започната во 2007 година, а во 2014 година направена е надградба и ажурирање на студијата за изводливост за изградба на пречистителна станица за отпадни води во градот Скопје, но и после десет години проектот не е подготвен за физичка реализација“, се посочува во извештајот. 

Проектите од областа на здравството, изградба на Клинички Центар Скопје и на Регионална Болница Штип се откажани поради раскинати договори за заем и за градба. За двата проекти покрената е арбитража од изведувачите во вкупно 45 и пол милиони евра.

Предмет на ревизијата биле 24 проекти во вредност од речиси 4 милијарди евра. Но, само за 19 од нив имало склучени договори за градба, а досега од овие проекти е завршен само еден.

Марија Митевска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владата планира разузнавачките служби да функционираат во една агенција

Дејан Дејан

Русија го презеде едномесечното претседавање со Советот за безбедност на ОН

Дејан Дејан

Почина најголемиот албански писател Исмаил Кадаре

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе