Идната недела СДСМ бираат нов лидер кој ќе седне на чело на партијата и ќе го пополни испразнетото место по оставката на Ковачевски кој се соочи со изборен дебакл на редовните парламентарни избори и оствари најслаб резултат до сега.
За функцијата интерес пројавија четворица кандидати, а меѓувреме тече рокот за активна регистрација на членови на СДСМ за гласање на внатрепартиските избори кој истекува заклучно со утрешниот ден. Членовите на СДСМ на 30 јуни ќе бираат меѓу Славјанка Петровска, Јован Деспотовски, Венко Филипче и Александар Бајдевски.
Екс министерката за одбрана во својата внатрепартиска кампања на своите поддржувачи им порача дека таа зад себе нема никаков багаж и позади нејзината кандидатура не стои ниту еден досегашен претседател на партијата.
-Не сакам да сум ничија продолжена рак и затоа сум во голема предност пред другите кандидати, немам багаж, а имам интегритет, не правам компромиси за непринципиелни коалиции, не сум бизнис ориентирана и ќе направам се за СДСМ да успее, вели Петровска.
Петровска вели дека партијата мора да расчитиме со лошите навики на носење одлуки во тесен круг на раководството и креирање политики во одбрано друштво, без притоа членството да биде консултирано или информирано за одредени процеси.
Актуелниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кој најави нов почеток, вели дека меѓу членството секаде се гледа желбата и потребата за промени.
За поранешниот министер за здравство Венко Филипче професионализмот и посветеноста ќе бидат единствен критериум за напредување во партиските структури со што СДСМ ќе се професионализира и ќе функционира како ефикасна организација.
Александар Бајдевски, екс заменик-министер за информатичко општество и администрација вели дека неговата кандидатура за претседател на СДСМ е мотивирана од искрени и чесни намери за подобра иднина на партијата.
– СДСМ мора да ја врати автентичната идеологија, бидејќи само на тој начин може да се поврати сега веќе загубената доверба кај граѓаните и симпатизерите, но не со зборови, туку со нови промени, реформи и пред сѐ дела, вели Бајдевски.
За избор на новиот претседател не е предвиден цензус, а за избран лидер на партијата ќе се смета оној кој ќе ја добие поддршката од мнозинството членови кои гласале на внатрепартиските избори.
Александар Петрески