Осум заеднички претставувања во исто толку општини низ Македонија, ќе имаат четворицата кандидати за претседател на СДСМ.Ова е договорено на нивната заедничка координација. Секој од нив и поединечно ќе може да ги претстави своите идеи за реформи во партиското дејствување.
Славјанка Петровска утре и официјално ќе ја почне кампањата од Бутел, каде ќе ја образложи својата програма наречена „Манифест на Социјалодемократијата“.
Петровска не смета дека треба да има јавна дебата меѓу кандидатите, на што постојано повикува Деспотовски, затоа што приматот треба да го има членството. Тоа, вели, е и еден од досегашните пропусти и слабости на сите претходни раководства, дебатите за клучните прашања да се водат на социјалните мрежи, наместо внатре во партијата.
Тежината на клучните дискусии,планира да ја стави на месните организации, како почеток и темел на едно партиско дејствување.
И нејзиниот против-кандидат, Александар Бајдевски,смета дека нема потреба од јавна дебата. Клучно за него е да се врати идеолошката матрица во партијата.
Бајдевски предлага отворени листи за избор на партиските органи. Ги поддржува идеите за непосредни избори за претседатели на општинските организации, како и на кандидатите за градоначалници и пратеници, но клучно, за него, е да се редефинираат позициите за коалицирање, да се коалицира со идеолошки блиски партии, а не колку да ги има повеќе на масата. Важни се и позициите во меѓународната политика, но и односот со сестринските партии.
Непосредни избори на претседателите на општинските организации е клучна реформа и во програмата на Венко Филипче, кој кампањата ја почна од Охрид и Струга. Но, Јован Деспотовски тврди дека идејата е негова, дека ја промовирал уште пред три години.
Против-кандидатите имаат 20 дена да го убедат членството да ги гласа на на внатре-партиските избори што ќе се одржат на 30 јуни.
Далиборка Демјанска Цветановска