Државната изборна комисија за спроведување на последните претседателски и парламентарни избори, склучила 22 договори за јавни набавки вредни речиси 3.5 милиони евра.
Гласањето на дијаспората чинело повеќе отколку печатењето на ливчињата за сите гласачи, се вели во изваштајот од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Од таму нотираат дека вредноста на тендерите за спроведување на изборите годинава e поголема за 767 илјади евра од вкупната вредност на тендерите склучени за претседателските избори во 2019 година и за предвремените парламентарни избори во 2020 година.
Дури 41 % од договорите за јавни набавки поврзани со изборите, ДИК ги склучила во постапка со директно преговарање, без оглас се вели извештајот.
Бројот и вредноста на склучените договори за јавни набавки поврзани со изборите 2024 година можат и да се зголемат во следниот период.
Согласно информациите расположливи на Електронскиот систем за јавни набавки, ДИК има иницирано уште неколку постапки за кои сè уште не се објавени известувањата за склучување на договорите.
За првпат во овој изборен циклус комисијата склучила 4 рамковни договори со период на важност од 36 месеци во кои е наведено дека ги опфаќаат не само изборите 2024, туку и локалните избори 2025 година, евентуално непосредно изјаснување на граѓаните на државно ниво или спроведување на некој вид на евентуален изборен процес кој не е предвиден во текот на 2024 и 2025 година, се додава во анализата на Центарот за граѓански комуникации.
- До целото истражување може да се пристапи преку следниот линк.