Уставните рокови течат, се ближи петок и дотогаш треба да биде доверен мандатот за состав на Владата. Засега, сѐ уште се во тек разговорите за програмските определби и поделбата на ресорите.
Од ВМРО-ДПМНЕ одбиваат да ги откријат имињата од партиските редови, на кои ќе им бидат доделени дел од ресорите.
Од Коалицијата Вреди која обезбеди 14 мандати на парламентарните избори, тврдат дека веќе се договорени околу главните начела на Програмата на владината коалиција.
Дефинитивен коалициски договор се очекува до крајот на неделата.
Во меѓувреме, претседателката Сиљановска-Давкова уверува дека сѐ ќе биде завршено согласно роковите кои ги предвидува Уставот, а можеби и порано.
„Дискусијата за кој претставник од ВМРО-ДПМНЕ каде ќе се најде во делот на ресорите е процес којшто секој од нас прво треба го разговара со идниот премиер, но исто така процес којшто е предмет на дискусија на органите на политичката партија односно Централниот и Извршниот комитет. Сметам дека е сосема неблагодарно кој било да ја дискутира својата политичка иднина пред медиумите“, изјави Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Влен никогаш не би бил дел од Влада доколку таму не гледаме реформи, промени и напредок на државата. Во тоа бидете сигурни. Јас мислам наскоро, а кога велам наскоро мислам дека за 3 до 4 дена ќе има дефинитивен договор. Но, да оставиме тоа идниот премиер да го објави“, вели Арбен Таравари од Коалицијата Вреди.
Додека течат преговорите на идните коалициски парнери, од ДУИ повторно ги нарекоа Вреди – нелегитимен претставник на етничките Албанци и губитник на изборите.
Од партијата велат дека сериозно ги разгледуваат политичките случувања кај нас и алармираат – доследно да се почитува Охридскиот рамковен договор и консензуалната демократија.
„Гледаме тенденција да се минира сето тоа што е постигнато од 2001 година со потпишување на Рамковниот договор, па досега. Во непријатна ситуација е Коалицијата Влен бидејќи како нелегитимен претставник и како политичка опција која претрпи пораз, сега моли и плаче да биде дел од Владата“, вели Арбер Адеми од Демократската унија за интеграција.
Во член 90 од Уставот, се вели дека претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирање на Собранието, да го довери мандатот на кандидат од мнозинството во Собранието.
Потоа почнува да тече рокот од 20 дена, мандатарот да поднесе програма и да го предложи составот на идната Влада.
Петар Догов