Највисокото тело на Либерал-демократите вечерва ќе одлучува за понатамошното делување на партијата. Состанокот е свикан на иницијатива на претседателката Моника Зајкова, на тема изборите, одговорноста за резултатите и понатамошните потези.Нејзиното име е меѓу пратениците што се спомнуваат дека би можеле да се приклучат кон владејачкото мнозинство, но таа досега ниту го потврди, ниту го демантираше ова.Партијата беше сконцентрирана на прегласувањето, на кое се надеваа дека ќе добијат уште еден пратеник, но тоа не се случи. Дознаваме дека дел од највисокото партиско тело предлагаат да се приклучат кон владата, додека дел бараат да делуваат независно.
Сепак, Зајкова во телефонски разговор негираше дека ќе има повеќе теми на разговор. Тврди дека на затворената седница ќе се расправа единствено за извештаите на Центарлниот и регионалните изборни штабови, при што се очекува да се отвори дискусија само за изборните резултати.
Во меѓувреме, работите меѓу преговарачките тимови на ВМРО ДПМНЕ и ЗНАМ се одвиваат во позитивна насока . Од движењето велат дека, атмосферата меѓу работните групи кои се среќаваат секојдневно, е конструктивна. Нивните членови во преговорите настапуваат суштински и сакаат да воспостават нови принципи во политичкото дејствување.
Движењето ЗНАМ сака да донесе во државата нов пристап, да се смени досегашната пракса во политиката и да воведеме нови вредносни критериуми во политичката култура и однесување. Кога ќе завршат преговорите, работната група треба да поднесе извештај пред Извршниот одбор, кој ќе одлучи дали ќе се пристапи кон владината коалиција. Кадровските решенија ќе се утврдуваат во втората фаза, низ внатре-партиска процедура, вели портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.
Еден од принципите за кои од движењето ЗНАМ бараат да се договори меѓу идните коалициони партнери во власта е кадровските решенија да не можат да спроведуваат сопствени агенди, туку да се изгради заедничка стратегија на делување. Сите министри и останати владини функционери да одговараат исклучиво пред владата, а не пред партиите како досега. Бараат да бидат вклучени и нивните програмски приоритети, меѓу кои е и нулта толеранција на корупцијата, правда за сите, како и Македонија самоодржлива држава со производството на храна и енергија.
Паралелно траат и преговорите меѓу ВМРО ДПМНЕ и „ВРЕДИ„,кои се при крај и со кадровската распределба. Изет Меџити во интервјуата упорно тврди дека најмалку четворица пратеници од коалицијата предводена од ДУИ, ќе преминат во спротивниот табор, давајќи насоки дека се работи за партиите на Турците. Но, тие повторно демантираа дека ќе се приклучат кон владиното мнозинство.
Далиборка Демјанска