За партиите од Европскиот фронт е неприфатливо коалиција која освоила помал број пратенички места и помалку гласови на изборите да стане дел од Владата. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најави дека започнуваат битка за легитимитет, ги анализираат сите правни можности.
Управниот суд веќе закажа јавна расправа за денес попладне по нивната тужба против решението на Државната изборна комисија, односно одлуката да го одбие нивниот приговор како неоснован за прегласувањето во Ларце, со кое, Европскиот фронт загуби еден пратеник, а „Вреди“ доби плус еден мандат.
Според Ахмети, Европскиот фронт излегол како победник на изборите, но тој вели дека резултатите биле нарушени и продолжуваат да се прекршуваат преку изборен инженеринг.
И покрај сите аргументи и резултати, дури и со пратеници, дури и со апсолутни бројки на гласови, дури и со победи во две третини од општините, поразените на изборите, без легитимитет на суверениот, потклекнаа целосно игнорирајќи ја волјата на народот, Охридскиот договор, легитимитетот и без никаква почит кон оние кои ги донесоа сите овие квалитативни промени во нашата држава, рече ахмети.
Пратениците од Европскиот фронт, поради тоа што се чувствувале омаловажени, вчера ја напуштиле собраниската сала на конститутивната седница, на која за претседател на Собранието беше избран Африм Гаши од Коалицијата Вреди.
Ахмети повика да се почитуваат договорите кои се направени.
Луѓето нè прашуваат зошто гласаме кога некој друг одлучува за нашата волја и нашите определби, граѓаните нè прашуваат која е смислата на демократијата кога не се почитува легитимитетот, кога одлучува најголемата македонска партија. Ова нè враќа две децении назад кога не се почитуваше слободната волја на заедниците. Легитимноста е столбот на демократијата, затоа ја почнуваме битката за почитување на Охридскиот договор, рече ахмети.
По прес конференцијата на Ахемти, ВМРО-ДПМНЕ во писмена реакција велат не е важно што Ахмети имал чувство на навреденост, важно е што волјата на мнозинството е ДУИ да оди во опозиција и се соочи со одговорност.
Ако одењето на ДУИ во опозиција е кршење на Рамковниот договор, тогаш и Али Ахмети го прекрши кога реши да ја изостави ВМРО-ДПМНЕ од владата и не го почитуваше резултатот на изборите 2016-та година каде победи ВМРО-ДПМНЕ. Што само значи дека почитувањето на Охридскиот договор нема врска со фактот дали ДУИ е власт или опозиција. Ахмети треба да престане да се однесува како палаво дете кое плаче по играчката која не е негова, затоа што ВМРО-ДПМНЕ не е СДС, ниту пак одењето на ДУИ има некаква врска со односот на ВМРО-ДПМНЕ кон Албанците, соопштија од партијата.
Од Коалицијата Вреди, пак, на ДУИ и порачаа да се реформира, а не да бојкотира. Од таму контра Ахмети, дека тие се победник во албанскиот блок, упатувајќи му низа прашања кои се однесуваат на интересите на Албанците.
Ахмети треба да ја прифати реалноста. Одамна веќе нема право да се обидува да го монополизира ЕУ процесот како и процесот на унапредување на етничките права на Албанците во Република Северна Македонија. Уставните измени се еден од најважните приоритети на ВЛЕН, тргнувајќи од внесување на Бугарите во Уставот како услов за продолжување на ЕУ перспективите, бришење на срамната формулација 20% и промена на изборниот модел за шеф на државата, порачаа од Вреди.
ДУИ по 16 години стана дел од опозицијата.
Данијела Билбилоска