Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја предводи државно-црковната делегација во посета на Рим и Ватикан, по повод честувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
Ова е нејзина прва официјална посета во странство по победата на претседателските избори на 8 мај.
Таа ќе има аудиенција кај папата Франциск и како што налага традицијата, по претставувањето, претседателката и папата меѓусебно ќе разменат подароци.
По аудиенцијата кај поглаварот на Римокатоличката црква, Сиљановска Давкова ќе оствари средба со државниот секратар на Ватикан, монсињор Пјетро Паролин.
Сиљановска Давкова, како што велат од нејзиниот кабинет, се уште не е познато дали ќе има средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев, чие доаѓање во Рим е исто така најавено по истиот повод, но соопштуваат дека Давкова изразила подготвеност во интерес на подобрување на односите меѓу двете земји и двата народи.