Вести Македонија Топ вести

Боро Марлборо веќе осуден, а им скрои капа на врховен судија и член на Советот на јавни обвинители

Боро Стојчев

Врховен судија и член на Советиот на јавни обвинители се под истрага, зашто на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, му ветувале дека за пари ќе му средат погодности во постапката што се води против него за шверц на марихуана.

Случајот во полиција го пријавил синот на Стојчев, а според првичните информации судијата бил фатен на лице место со 10 илјади евра кои биле обележани од полицијата.

Според соопштението на Јавното обвинителство, уапсениот првоосомничен врховен судија Наке Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети „лажно ветувале“ дека ќе извршат влијание за погодности во случај што се води против Стојчев во обвинителството за гонење организиран криминал.

„Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот“, се наведува во соопштението на Обвинителството.

Нејасно е какви погодности требало да добие Стојчев, ако се има предвид дека тој вчера спогодбено беше осуден во случајот за марихуаната. Според информациите од Кривичниот суд, тој признал вина и се спогодил со обвинителството да одлежи 5 години и 3 месеци затвор, а судот вчера ја прифати спогодбата. На таа пресуда нема право на жалба.

Стојчев и уште девет други луѓе беа уапсени пред 2,5 месеци во акцијата под кодно име „Чибук“ за организирање, набавка, продажба и пуштање во промет на марихуана во периодот од октомври 2023 до март 2024. При претресите на повеќе локации низ земјава, кај осомничените биле пронајдени пари и скоро 100 кила марихуана, која делумно била набавувана и од фирми за производство на медицински канабис.

„Во текот на овој период групата организирала и реализирала продажба на поголема количина на наркотична дрога марихуана што неовластено била набавувана од НН правни субјекти од Струмица и Демир Капија, од Р.Албанија, како и од правен субјект со дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија и растенија за употреба од Струмица“, соопшти тогаш Обвинителството.

Според информациите на Телма, истрагата е веќе завршена. Според првичните информации, Обвинителството се откажало од гонење на еден осомничен, за четворица веројатно ќе има обвинение, а петмина признале вина и се спогодиле за казна. Стојчев ја добил највисоката од сите петмина. Останатите четворица добиле меѓу 3 години и 4 години и 2 месеци затвор.

Поранешниот градоначалник на малата погранична општина Ново Село, Боро Стојчев, влезе во фокусот на јавноста во 2018 година, кога беше уапсен во близина на границата со Бугарија при обид за шверц на цигари од Македонија во Бугарија. Петмина осомничени во граничниот појас беа уапсени со два џипа во кои имале натоварено над 32 илјади кутии цигари „Калипсо“ во вредност од скоро 90 илјади евра. Струмичкиот суд го осуди Стојчев на 1,5 години затвор, но штипска апелација два месеци подоцна му ја намали казната на 6 месеци затвор. Поради апсењето, градоначалничката кариера му траеше само 1 година и 2 месеци, а во јавноста го доби прекарот Боро Марлборо.

Стојчев во 2015 година бил осуден на условна казна за проневера во службата, а истата година добил парична казна за „Телесна повреда“ зашто натепал човек кој барал да му врати пари кои му ги дал на заем.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Милановиќ: Ниту една земја повеќе нема да влезе во ЕУ, освен можеби само Црна Гора

Дејан Дејан

Сојузниците во НАТО треба да издвојат пет отсто од БДП за одбрана – Рубио на средбата со Муцунски во Вашингтон

Дејан Дејан

Нема логика да се чека за носење на измените на Изборниот законик, смета Калеска-Ванчева

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе