Вести Македонија Топ вести

Борба за „пратеник-плус“ и вкупно 27 приговори за изборите поднесени до ДИК – роковите течат, набрзо ќе се одлучува

Изборите изминаа, но битката продолжува – овојпат за мандат плус на контото, откако веќе се создадоа контурите на идниот собраниски состав. Државната изборна комисија денес објави дека на нивна адреса пристигнале 27 приговори од коалициите кои се тркаа на парламентарните избори.

Главната битка се бие во Изборната единица број 5. Таму 109 гласови натежнаа на страната на Европскиот фронт предводен од ДУИ. Според бројот на гласови и пресметано со Донтовата формула, таму „интегративците“ добиваат четворица пратеници од листата, а СДСМ тројца.

Социјалдемократите испратиле пет приговори токму за места кои се дел од Изборната единица број 5. Станува збор за Струга, Битола и Кичево.

Блиску до уште еден пратенички мандат е и победничката партија на изборите, ВМРО-ДПМНЕ, кои веќе освоија 10 пратеници во оваа изборна единица. На нив, за мандат во „петка“ им фалат 374 гласа. Од ДИК откриваат дека ВМРО-ДПМНЕ има поднесено осум приговори за „петката“, а тоа е за избирачки места во Охрид, Демир Хисар, Крушево, Кичево, Струга, Битола, Долнени и Ресен.

Претседателот на Комисијата, Даштевски, објаснува дека станува збор за групни приговори.

„Групни се приговорите, воглавно. И опфатени се повеќе избирачки места, значи не се поединечни. Овие кога ќе се соберат, тоа е конечната бројка, вкупно 27“, вели Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија.

Коалицијата „Вреди“ поднеле десет приговори, за избирачки места кои се дел од Изборната единица број 6. Станува збор за Гостивар, Тетово, Желино, Боговиње и Врапчиште.

Доколку се усвојат некои од приговорите и се прегласува на одредени избирачки места, тоа може да донесе промени во распоредот на мандатите, како во Изборната единица 5, така и во „шестката“.

Во законски определниот рок, приговори поднеле и од Левица – вкупно четири на број, за избирачки места во Чаир, Струга и Гази Баба.

Освен борба за пратеник плус на контото, партиите во моментов се обидуваат и да обезбедат „превласт“ во составот на Државната изборна комисија.

Политичките партии во опозиција предлагаат претседател и двајца членови на ДИК, а партиите на власт предлагаат потпретседател и тројца членови.

Претседателот, потпретседателот и членовите на Државната изборна комисија ги избира Собранието со двотретинско мнозинство.

Во Членот 27, став 5 од Изборниот законик, се вели:

„Политичките партии коишто преминале од власт во опозиција, на Собранието му доставуваат предлог за претседател на Државната изборна комисија од редот на членовите во постојниот состав и предлог за престанок на функцијата пред истекот на мандатот на еден од членовите предложени од нивна страна“.

Од друга страна, партиите кои преминале од опозиција на власт, доставуваат предлог за потпретседател од редот на членовите во постојниот состав и еден член, а Собранието го огласува изборот.

Роковите течат, а од Државната изборна комисија најавуваат дека за приговорите ќе се одлучува на почетокот на следната недела.

Последниот мандат во Изборната единица 5, го доби Исмаил Јахоски од Пласница, кој е член на ДУИ и е основач на компанијата Пуцко Петрол.

Доколку коалицијата на СДСМ го добиеше мандатот, 4-ти на листата е Боби Мојсоски од ЛДП.

Петар Догов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Бруталистичка улица“ меѓу десет најдобри проекти на Венециското биенале за архитектура според „Артрибјун“

Дејан Дејан

Обвинителството бара казни за модуларна,обвинетите слобода – додека роднините на загинатите, 3 години и 8 месеци чекаат правда

Дејан Дејан

„Македонија 2025“: Корупцијата најголем проблем, дигитализација за развој на економијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе