Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз, планиранa да се одри на реката Сена на крајот на јули, би можела да биде преместена на стадионот „Стад де Франс“, доколку се оцени дека безбедносната закана е преголема.
Макрон рече дека француските безбедносни сили ќе бидат мобилизирани „на вонредно ниво“ за да се осигура безбедноста на настанот на отворено.
„Ако оцениме дека ризиците се превисоки, имаме резервни сценарија“, најави Макрон.
Со цел да се ограничи безбедносната закана, организаторите би можеле да одлучат да ја скратат парадата на учесниците на Олимписките игри и „дури да го преместат целиот настан на Стад де Франс“.
Церемонијата на отворањето на Олимпијадата во Париз, закажана за 26 јули, треба да биде првата досега одржана надвор од стадион. Според сценариото, околу 10.500 спортисти ќе продефилираат со чамци долж Сена по патека долга шест километри.
Организаторите првично планираа грандиозна церемонија на отворање за околу 600.000 луѓе, од кои повеќето ќе ја следат акцијата бесплатно од брегот на Сена. Но, безбедносните и логистичките проблеми ја наведоа владата постепено да ги намалува своите планови, па на почетокот на оваа година вкупниот број на гледачи се намали на околу 300.000.