До Народниот правобранител биле поднесени 63 претставки за работата и постапувањето на обвинителствата во земјава минатата година, што е за 24 помалку во однос на 2002. Најголем дел од претставките или 51 на број, според годишниот извештај на народниот правобранител, биле за интервенција во постапките на основните јавни обвинителства.
„Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38 проценти, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства“, соопштија од ОЈО.
Граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука.
„Забелешките на граѓаните во однос на долготрајноста на предистражните постапки кои се водат пред Основните јавни обвинителства и неинформирањето, односно неизвестувањето за текот на постапката се карактеристика и за овој извештаен период. Повторно, и за овој проблем најчестите претставки се однесуваат за Основното јавно обвинителството, се наведува во годишниот извештај на Народниот правобранител.
Од обвинителството додаваат дека соодносот во претставките е очекуван со оглед на обемот на работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот контакт со граѓаните.
„Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка“, посочија од ОЈО.
Во извештајот се наведува дека во Законот за кривична постапка е утврдено дека јавниот обвинител треба да донесе одлука во рок од 3 месеци.
„Непочитувањето на законските рокови во крајна линија може да значи и нестручно вршење на јавно обвинителската функција што е основа за поведување на дисциплинска постапка за јавниот обвинител, која може да резултира и со престанок на функцијата. Додека повисокиот јавен обвинител, има обврска по принципот на хиерархија да ја следи и оценува работата на пониските јавни обвинители“, се додава во извештајот.
Народниот правобранител препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства. Им се препорачува и да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Марија Митевска