Три деца со потврдена голема кашлица се хоспитализирани на Универзитетската клиника за респираторни заболувања „Козле“ .Нивната клиничка слика е стабилна. Расте бројот и на амбулантски прегледи. Во меѓувреме големата кашлица се шири и низ Европа.
Три хоспитализирани доенчиња на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата со потврден пертусис, сите се до шест месечна возраст. За три деца кои се суспектни се чека потврда од Центарот за јавно здравје- Скопје.
- Сите доенчиња се вакцинирани само со прва доза за пертусис. Нивната клиничка слика е стабилна во овој момент имаат епизоди на пертузиформна кашлица, меѓутоа без потреба од кислородна поддршка- изјави д-р Мирјана Поповска, Универзитетска клиника за респираторни болести „Козле“.
Зголемен е бројот на амбулантски прегледи, па така за само едно деноноќие на Универезитетската клиника за респираторни заболувања има над 150 прегледи.
- Најчесто пристапуваат деца кои имаат респираторна патологија, односно течење на нос, солзење и чешање на очињата, меѓутоа во овој период јас морам да напоменам веќе и алергиите зимаат замав и симптомите се многу слични како и обична вироза. Мојот апел до родителите нема потреба од стравување, треба да стравуваа оние кои не ги вакцинирале своите деца од пертусис. Кај нив треба да биде оправдан стравот, затоа што своеволно одбиле да ги вакцинираат децата, а веќе сме во епидемија на црна кашлица- изјави д-р Мирјана Поповска, Универзитетска клиника за респираторни болести „Козле“.
Во меѓувреме големата кашлица се шири и низ Европа. Според експертите ваквата состојба се должи на ниската стапка на имунизација, најранливи се бебињата.
Во Чешка во првите три месеци од 2024 година 4.253 луѓе биле заразени со голема кашлица, што е најголем број случаи од 60-тите.
Во Велика Британија само во јануари се регистрирани 553 случаи на голема кашлица. Загрижувачка е и состојбата во Холандија поради брзото зголемување на бројот на новородени бебиња кои добиваат голема кашлица.
Според податоците на Центарот за јавно здравје- Скопје во текот на изминатава недела се забележува пад на бројот на новозаболени со пертусис, доколку имаме предвид дека во периодот од 13 до 19 март биле регистрирани 59 случаи, додека во изминатава недела 43 случаи на голема кашлица.
Нина Стефанова