Обвинителството и царината сеуште прибираат докази околу шверцот на неколку илјади мобилни телефони вредни над два милиони евра. Течат две истраги, интерната на внатрешната контрола во царината која треба да утврди пропусти во работењето на царинскиот службеник и заедничката на царината и обвинителството во која се проверува колку пати оваа фирма извршила увоз на мобилни телефони и колку платила за давачки при увозот.
Од обвинителството потврдија дека од царинската управа засега не е доставена кривична пријава до нив за овој случај.
Мобилните телефони беа запленети минатиот вторник а комбето полно со стока било запрено заради сомневање за транспорт на дрога. Во пакетите било утврдено дека има неколку илјади нови и половни мобилни телефони од марките „самсунг и ејпл“ вредни над два милиони евра.
Првичните информации се дека увозникот пријавил дека најголем број од телефоните се половни што се испоставило како неточно а цариникот ја пропуштил пратката без детално да прегледа. За оваа стока не се плаќа царина па затоа врз основ на ДДВ во Буџетот легнале само неколку стотини евра иако мобилните телефони се вредни над два милиони евра.