Обвинителството бара притвор за извршителката Весна Јакимовска која вчера го нападна новинарот Фуркан Салиу, а потоа во полициската станица во Кичево и полицискиот службеник кој вршел распит и му ги скинала службените белешки. Јакимовска е осомничена за три кривични дела – „спречување на службено лице во вршење службено дејствие“, „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и „фалсификување или уништување деловни книги“.
„Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Кичево достави предлог за определување мерка притвор за осомничената, која во текот на целиот настан продолжувала да се заканува поради што јасно постои опасност од повторување на делото“, соопштуваат од Јавното обвинителство.
Таа претпладнево беше на распит во кичевското обвинителство, а одлуката за притвор треба да ја донесе надлежен судија.
Јакимовска вчера го нападна новинарот Фуркан Салиу, кој се обидуваше да земе изјава од неа околу активен предмет. Покрај нападот, Јакимовска му одзеде и оштети дел од опремата, микрофони и одбиваше да му ги врати. Полицијата дојде на пријава на новинарот Салиу, кој даде изјава околу нападот, а дел од опремата му беше вратена назад.
Неколку часа подоцна, Јакимовска беше повикана на распит во полициската станица во Кичево, каде продолжила со крајно агресивниот однос. Според официјалната информација на МВР, таа го нападнала полицискиот службеник во канцеларијата каде се вршел распитот, а потоа и ги зела службените белешки од масата и ги искинала.
Огнен Чанчаревиќ