Додека се чека да почне изборната трка, почна трка за тоа, кој ќе успее да ги собере против-кандидатите на едно место. Фрчат меѓусебни покани за дебати иско не се сите расположени да дебатираат со секого.
Претседателот Стево Пендаровски, кој ќе се трка за втор мандат, ги кани неговите шестмина противкандидати на две мастер дебати, кои би се одржале на почеток и на крајот од изборната кампања, која почнува на 4 април. Тие засега не ја отфрлиле идејата, но и не потврдиле дека ќе ја прифатат.
Повторно ќе добијат покана од него и за ифтарска, како и велигденска вечера. Но, тој самиот ја одби поканата на Таравари за дебата во сабота, со образложение дека, како актуелен претседател, не може да учествува додека не почне кампањата. Од останатите кандидатот на „Вреди„ не добил одговор, иако дел од нив биле и лично поканети.
Таравари вели дека остануваат на ставот дека, ниту една партија на Албанците нема да прифати влез во влада што нема да направи уставни измени. Тоа нема да биде услов, туку предуслов, да се дадат гаранции дека тоа ќе се случи, иако не мора веднаш.
Кандидатот од ДУИ, Бујар Османи, пак, на својот Фејсбук профил покани на заеднички ифтар само дел од претседателските кандидати- Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Арбен Таравари и Максим Димитриевски.Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски не се добредојдени.
Социјалдемократите, пак, во сабота, на конгрес ќе одлучуваат за понатамошните потези за коалицирање, а ќе ги објават и носителите на изборните листи.
Од ВМРО ДПМНЕ повторно прашуваат, какви консултантски услуги користеле СДСМ и Пендаровски од израелскиот консултант, Асаф Исеин, отворајќи го и прашањето дали тие се само во делот на стратегии или можеби влегуваат и во изборни активности на работ на законот.
Од Кабинетот на Пендаровски признаа дека тој се сретнал со израелскиот стратег кој работи на изборни кампањи на повеќе звучни имиња од регионот, меѓу кои и српскиот претседател Александар Вучиќ, велејќи дека, средбата ја организирале од СДСМ, чиј косултант е Исеин.
Далиборка Демјанска Цветановска