Апсолутно не постои никаква можност за засновање на работен однос со слушателите во изборниот период, се вели во соопштението на Академијата на судии и јавни обвинители (АСЈО) по пријавата на ВМРО-ДПМНЕ до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Од опозициската партија сметаат дека со спроведување на испит за прием на 130 слушатели, се крши одредба од Изборниот законик која се однесува на забрана за нови вработувања во државни институции и ставање во мирување на веќе започнатите постапки.
Од АСЈО потенцираат дека во конкретниот случај станува збор за слична ситуација како во 2017 година. За конректниот случај, пак, нудат и ретроспектива за фазите на тековниот приемен испит за деветтата генерација на слушатели во почетна обука.
„Јавниот оглас за прием на 130 слушатели е објавен во jануари во 2023 година. Полагањето на тестот за познавање на еден од трите најчесто користени јазици во ЕУ (англиски, француски или германски) беше во мај во 2023 година“, се наведува во дел од соопштението на АСЈО.
Од таму истакнуваат дека во изминатиот период се соочиле со два застоја во постапката.
„Застој во постапката поради донесувањето на нов Закон за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на РСМ” бр. 129/2023), кој предвидуваше промена во редоследот и начинот на полагање на деловите од Приемниот испит. По спроведување на психолошкиот тест и тестот за интегритет во октомври и во ноември во 2023 година, Академијата се соочи со нов застој за полагањето на квалификацискиот тест – договорот за групна јавна набавка на услуги за одржување на софтвер за полагање на испити во државни интитуции беше со истечена важност, па Академијата немаше можност да го спроведе испитот по електронски пат, по што беа иницирани законски измени во насока на овозможување хартиено полагање на квалификацискиот тест“, соопштуваат од АСЈО.
Во март во 2024 година, се наведува во соопштение, се донесоа Измени на Законот за Академија за судии и јавни обвинители (Службен весник на РСМ број 53/24), а по нивно стапување во сила, донесена е Статутарна одлука за дополнување на Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев“ (Службен весник на РСМ број 62/24) и Правилник за дополнување на Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата.
„Во март во 2024 година, приемната Комисија утврди нова Временска динамика за спроведување на понатамошниот дел од Приемниот испит, според која квалификацискиот тест е предвидено да се полага во периодот од 1 до 4 април 2024 година. Суштинско во сето горенаведено е да се има во предвид дека во конкретниот случај не станува збор за засновање на работен однос, туку спроведување на фази од приемниот испит во рамките на почетната обука. Институциите кои во рамки на вршењето на својата дејност спроведуваат испити како што се нотарскиот испит, правосудниот испит, испитот за извршители, испитите на факултетите и други, во изборниот период продолжуваат со своите редовни активности“, стои меѓудругото во соопштението на АСЈО.
ВМРО-ДПМНЕ поднесе пријава до Антикорупциска против Академијата за судии и јавни обвинители. Сметаат дека со спроведување на испитот за прием на 130 слушатели, се прекршува одредбата од Изборниот законик која забранува нови вработувања во државните институции, а веќе започнатите постапки да се ставаат во мирување. Бараат од ДКСК да отвори случај и да преземе мерки, а најавуваат и дека ќе ги известат ОБСЕ/ОДИХР.