Стево Пендаровски, Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски, Арбен Таравари, Билјана Ванковска-Цветковска, Бујар Османи и Гордана Силјановска-Давкова од денеска официјално се претседателски кандидати. ДИК едногласно ги усвои нивните кандидатури според редоследот по кој беа поднесувани.
Изминатите 24 часа, во консултација со надлежните институции, ДИК доби потврда дека сите пријавени ги исполнуваат условите. Јакимовски и Таравари во рок од 48 часа треба да ја комплетираат документацијата со даночен број и трансакциска сметка.
Шестмина од нив собраа над 10 илјади потписи од граѓани, а Силјановска, иако собра над 20 илјади, поднесе кандидатура со 30 потписи на пратеници.
Потребни се фер и демократски избори, практикување европски вредности и меѓусебно почитување на сите политички субјекти, се согласија членовите на ДИК и премиерот Талат Џафери. Џафери истакнал дека не е доволно спроведување на избори со минимум стандарди во согласност со законската регулатива.
Предложил „взаемна проактивност за да може да се предвидат потенцијални кризи и да се предложат сценарија и решенија кои ќе бидат водилка за решавање на тие кризи“. Даштевски го поздравил предлогот за координација, бидејќи ДИК секогаш има потреба од поддршка на другите институции.
Наредниот четврток ќе има жрепка со која ќе се утврди редоследот на претседателските кандидати на гласачкото ливче, по што, на 4 април – кампањата може да почне.
Соња Николовска