Може да носи 14 војници, наменет е за транспорт на специјални единици во мисии, но и за извлекување на ранети и за гаснење пожари- ова се карактеристиките на 8-те нови хеликоптери за потребите на армиското воздухопловство. Договорот е тежок 230 милиони евра, а хеликоптерите ќе бидат набавени од италијанската фирма Леонардо. Опозицискиот пратеник Ковачки смета дека не се набавуваат соодветни хеликоптери и договорот се прави пред избори, министерката му возврати дека изборот е на посебниот интегриран тим кој работел на проектот 5 години.
Осум нови воени хеликоптери од италијански Леонардо се планирани за модернизација на Военото воздухопловство. Наменети се за транспорт на војници, учество мисии на специјалци, за извлекување на ранети и повредени, за гаснење на пожари, а во рамките на договорот предвидена е обука на пилотите и персоналот, сервисирање во првите две години колку трае гаранција, изградба на хангар, резервни делови. Договорот кој деновиве треба да биде потпишан е во вредност од околу 230 милиони евра, 16 % од таа сума ќе се исплатат оваа година, а првиот Леонардо хеликоптер треба да почне со служба во армиското воздухопловство до крајот на 2026-та година. На тој начин ќе се смени старата флота од 6 хеликоптери Ми-7 и Ми-18 кои се произведени пред две или три децении.
Но, кога договорот беше презентиран пред пратениците од Комисијата за безбедност, на него реагираше пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и поранешен армиски полковник Драган Ковачки кој оцени дека изборот не е правилен, се намалува борбената готовност и некоректно е што се потпишува пред избори. На тоа следуваше дебата со министерката.
Набавката е во рамките на стратегиите за развој и модернизација на Армијата, а процесот на избор траел од 2019-та година до сега, презентираа пред пратениците од армискиот воздухопловен ВИНГ.
Изборот на Леонардо е направен меѓу 4 понуди кои единечно или заеднички стигнале од Италија, Германија, Франција, Сад и Канада, информираа од тимот кој го вршел изборот.
Миомир Серафиновиќ