Алијанса за Албанците официјално одлучи да се приклучи кон опозицијата – објави партискиот лидер Арбен Таравари на својот фејсбук-профил по синоќешниот состанок во Куманово со членови на Централното собрание на партијата.
Таравари ја свика средбата со делегатите на ова партиско тело за да побара поддршка за неговата одлука за заеднички изборен настап на Алијанса со опозициските партии на Албанците.
Говорејќи пред полна сала во Куманово, Таравари порача дека ден по изборите Алијанса за Албанците ќе биде главен одлучувачки фактор за иднината на земјава.
Портпаролот Блерант Рамадани, по состанокот изјави дека во салата присуствувале 75 членови на Централното собрание на Алијанса и сите едногласно одлучиле да ја потпишат декларацијата со која му даваат поддршка на партискиот лидер да започне коалиција со опозиционерите од албанскиот блок со цел, како што рече, после 20 години ДУИ да замине во опозиција.
На собирот во Куманово му претходел и состанок на Централното раководство на Алијанса на кој присуствувале 17 од вкупно 29 члена и сите од присутните ја прифатиле оваа иницијатива и му дале целосна поддршка на Таравари.