36 пожари на отворено во земјава се регистирани само во последното деноноќие, иако не е карактеристично за месец февруари да гори трева. Сувата вегетација и невнимателноста на поединци резултура со појава на пожари на отворен простор, кои неретко се и од поголеми размери. Дел од нив се и на напристапни терени, а најчести се оние на нивите, кои потоа излегуваат од контрола, па зафаќаат и поголема површина.
Во полошко, на пример, пожарникарите само за 10 дена имале 50 вакви интервенции.
- „Земјоделците ги чистат нивните ниви, го собираат сметот и го палат. Го оставаат така и после се шири, како што го имавме пожарот во близина на Брвеница. Се знае дека во нивите имаме и куќи, па многу често имаме пожари на отворени простори. исто така имавме голем пожар во село Вешала, се пали голем простор, интервениравме и ние и ренџерите горе“- изјава Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.
Во пожар на отворен простор во Општина Ранковце имаше и жртва. Повозрасно лице кое сакајќи да ја изгасне опожарената нива, починало најверојатно поради вдишување чад. Во пожари вчера настрадале и две други лица.
- „Согласно извештаите ЦУК извести дека вчера три лица починаа при пожари: едно при гаснењето на пожар на отворено на сопствена нива кај с. Псача; едно при пожар на куќа во с. Косевица и едно лице при пожар на штала во с. Оџалија во Општина Карбинци“- изјави Илија Бојаровски, ЦУК.
Надлежните институции апелираат до сите граѓани на зголемена будност и мобилност заради неповолните временски прилики. Да не се пали оган на отворен простор, да не се фрлаат шишиња и да не се фрлаат отпушоци од цигари и догорчиња. Доколку забележат пожар, истиот да се пријави на 112 во Центарот за управување со кризи.
Данијела Билбилоска