Ана Павловска Данева е избрана за нов уставен судија со 65 гласа за, против 26 и ниту еден воздржан. Павловска Данева доаѓа од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. Таа беше предложена откако СДСМ го повлече предлогот за поранешниот државен обвинител Љубомир Јовески.
На нејзиниот избор претходеше расправата во Собранието. За опозицијата Павловска Данева е партиски обоена, бидејќи беше пратеник и потпретседател на СДСМ во минатото.
„Предлогот на Ана Павловска Данева да биде уставен судија е навреда за сите чесни и професионални правници кои својата идинина на крај на кариера можеби ја гледале и во Уставен суд. Со денешниот предлог тоа им е оневозможено. Зошто? Денешниот предлог е за давање на поддршка на поранешна потпретседателка на СДС и пратеничка од партија која е во целосен нокаут и за волја на вистината се наоѓа во милост и немилост на нивниот командант Али Ахмети“, рече Драган Ковачки, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
За власта таа е повеќе од квалификувана за извршување на функцијата.
„Зошто немаме дилема да гласаме за овој предлог. Тоа е она што упорно сакате да го избегнете затоа што нејзините професионални докажани дела, не можете да ги оспорите“, порача Снежана Калевска Ванчева, пратеничка од СДСМ.
Ковачки реплицираше дека не е компетентен да зборува за стручните квалификации на Павловска Данева и дека од СДСМ не му одговориле дали биле искрени кога го предложиле Јовески или кога ја повлекле неговата кандидатура.
„Ако зборуваме за департизација на судството, треба такви ликови да не седат во тие органи“, додаде Ковачки.
Марија Ѓорѓиевска од СДСМ му одговори дека професионалноста на Павловска Данева не ја спорат ниту професорите блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
„Обрнетет наназад подолго време за оваа кандидатка каков критичен став има и кон власта и опозицијата заради тоа што го покажува својот интегритет врз основа на своето познавање на правото“, рече таа.
Уставен суд подолго време работеше по нецелосен состав, а изборот на Павловска Данева, ќе го пополни последното празно место во Судот.