Судот на предлог на јавен обвинител ќе може да носи привремени мерки како забрана за вршење на јавна фукција или забрана за учество на тендер на фунцкионер или фирма ставена на црна листа.
Владата едногласно го усвоила новиот предлог закон за рестриктивни мерки. Од МНР кое е предлагач на измените велат дека втората верзија, која денеска поминала на влада, добила позитивно мислење и од Министерството за правда, кое по разгледувањето на првата верзија на 16 јануари даде низа забелешки, меѓу кои и дека е спротивна на Уставот и системот на казнено право, но и на Европската конвенција за човекови права.
По критиките во јавноста дали владата може да воведе рестриктивни мерки пред правосилна судска одлука и дали е заштитена презумпцијата на невиност, од МНР велат дека за овој текст направиле усогласување со Министерството за правда и Секретаријатот за законодавство и објаснуваат како ќе се спроведува процедурата.
По добиената информација дека има правен акт од САД, Обединето Кралство или од ЕУ, предлагачот (МНР, МВР, ЈО АНБ, АФР и други агенции) има можност да предложи до Влада рестриктивни мерки. По донесување на рестриктивната мерка, владата иницира, односно го задолжува предлагачот да ги собере и да ги пренесе сите информации и факти до Јавното обвнителство, кое е должно веднаш да отвори процедура согласно роковите и процедурите во ЗКП. Согласно овој закон, јавниот обвинител е должен до судот веднаш да бара привермени мерки за обезбедување. Судот може да донесе таква одлука на барање на јавен обвинител доколку се исполнети условите, односно има обвинение, и на барање на јавен обвинител, судот може да донесе приверемена мерка се до правосилна судска одлука, велат од МНР.
Двата нови инструменти, односно привремени мерки, се однесуваат на забрана за извршување јавна функција на функционерот што се нашол на црна листа, но и забрана за аранжмани со државата има и за фирмите што се под вакви санкции
Едното е забрана за кандидирање на јавна функција, вклучувајки избори и доколку лицето е носител на фукција, привремено суспендирање до праовсдилна судска одлука. И второ, доколку се работи за правни субјекти, компании се забранува учество во процедури во кои се вклучени државни пари како што се јавни набавки, концесии, јавно приватно партнерство и други аранжамни со државата, велат од мнр.
Предлагачот тврди дека овие мерки ќе важат само за оние што во иднина ќе бидат ставени на црните листи, со образложение дека законот не може да важи ретроактивно. За да можат да се спроведуваат овие закони ќе се прават усогласувања и на други закони како што се ЗКП, Закон за јавни набавки и други.
Со новото законско решение освен што како основа за рестриктивни мерки се додаваат правните акти на САД и на Обединетото Кралство, се прошируваат и со три основи како корупција, злоупотреба на службена должност и хибридни закaни. Се дополнува и палетата на рестриктивни мерки со две нови привремени мерки на обезбедување.
Измените на законот за рестриктивни мерки по втор пат ќе влезат во собраниска процедура.
Елена Ивановска Мукоска