Со стара фотографија на која се сите заедно, министерот за правда се обидува да ги смири страстите по синоќешните и утрински инциденти во Алијанса за Албанците.На фејсбук им се обрати на членовите и на поддржувачите, уверувајќи ги дека партијата е отворена за сите.
Лога од синоќа споделува групни фотографии, и пишува дека нема да дозволат да се оствари предвидувањето на опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, кој говорејќи за можни партнери на ДУИ, во интервју ги употреби зборовите „и тоа што ќе остане од Алијанса за Албанците“.Со пребројување продолжија и екс претседателот Зијадин Села,како и актуелниот претседател, Арбен Таравари. Првиот споделувајќи фотографија од „големата партиска куќа Алијанса“ ,а вториот од „чудото од народ за промени“што тврди дека го има на своја страна. Таравари денеска сподели писмо со поддршка на мнозинството од 19 –мината членови на Академијата на партијата, која е стратешко-советодавно тело за партиска политика.
На писмото се потпишани и пратеникот Халил Снопче и министерот за информатичко општество, Азир Алиу кој, покрај министерот за здравство, Фатмир Меџити, е вториот министер кој застана на страната на Таравари. Но, Лога отворено го поддржува Села, а оваа поделба може да го загрози и функционирањето на техничката влада.
Отворениот судир меѓу Таравари и Села, се очекува да трае до сабота, за кога е закажана седница на Централното собрание кое треба да одлучи дали партијата ќе настапи самостојно на изборите или ќе се приклучи кон опозицискиот блок.
Состојбите кулминираа по минатонеделната средба кај косовскиот премиер Аљбин Курти, на која Таравари беше присутен заедно со лидерите на опозициската коалиција Европски сојуз за промени, по која беше објавено дека на Таравари му било предложено да биде заеднички кандидат за претседател на Македонија, но тој не бил заинтересиран.
Алијанса за Албанците се сметаат за одлучувачки фактор за тоа, кој од Албанците ќе однесе победа на изборите- блокот предводен од владејачката ДУИ или од опозицијата. Села тврди дека сака да одат сами на избори, но од опозицискиот блок се сомневаат дека тоа е само „вешто спакувана поддршка за ДУИ”.
Доколку се подели партијата, борбата ќе се префрли околу тоа, кој ќе го има партискиот печат.
Далиборка Демјанска