Обединетите нации вечерва повикаа на запирање на нападите врз бродови во Црвеното Море. Но, уште еден проектил е истрелан кон брод јужно од Јемен.
Според Британците, Хутите по грешка целеле на танкер што превезувал руска нафта, мислејќи дека бродот е поврзан со Велика Британија.
САД велат дека „не се заинтересирани за војна со Јемен“, но нема да се двоумат да употребат дополнителна сила за да ги запрат нападите на Хутите во Црвеното Море.
Откако американските и британските војски бомбардираа повеќе од десет локации што ги користеа Хутите во Јемен поддржани од Иран, илјадници луѓе излегоа на масовни протести. После Италија, Франција и Шпанија одбија да учествуваат во нападите на Хутите, а британскиот премиер Риши Сунак, пак, нападите ги оцени како „неопходни“ и „пропорционални“.
- Првичните индикации се дека нападите беа успешни, ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата, но јасно е дека ваквото однесување не може да остане без одговор. Треба да испратиме силен сигнал дека ова прекршување на меѓународното право е погрешно- Риши Сунак, премиер на Велика Британија.
Претседателот Бајден вели дека акцијата ќе го заштити слободниот проток на меѓународната трговија. Шефицата на германската дипломатија со порака – Хутите се одговорни за нападите врз цивилниот брод.
- Хутите непромислено ги загрозуваат човечките животи со своите напади. Тие придонесуваат за дестабилизација на и онака напнатата регионална ситуација. Хутите сносат одговорност за последиците од нивните постапки, нападите врз цивилниот брод. Тие мора веднаш да ги прекинат овие напади- Аналена Баербок, германски министер за надворешни работи.
Белата Куќа е на ставот дека САД сакаат да избегнат конфликт со Иран. Но, осуда за воената акција пристигна од Иран, Русија и Турција, Ердоган ја нарече „несразмерна“.
Со скандирање „Смрт за Америка, смрт за Британија“ верниците во Техеран, Иран по петочната молитва одржаа протести со поддршка на Хутите и ги повикаа земјите од Персискиот залив да го следат Јемен кој се крена за да ја одбрани Палестина.
- Тие напади се акти на агресија. Тие немаат право сами да донесат одлука за напад на земја која поддржува друга угнетена земја како Палестина. Тие залудно се борат- Бабаеи, демонстрант во Техеран.
- Денес Јемен се крена за да ја одбрани Палестина. Мислам дека земјите од Персискиот Залив и арапските земји мора да се разбудат и да го следат Јемен да застанат против угнетувачите и узурпаторите- Јасер Абаси, демонстрант во Техеран.
Дел од дипломатите велат дека акцијата нема да поттикне ескалација на регионална војна со Иран, бидејќи акцијата на САД и Велика Британија е ограничена на справување со Хутите. Но најголем ризик од прелевање се „екстремистичките проирански групи во Ирак и во Сирија, кои може да извршат напади врз американските бази таму“.
Билјана Ставрова