Вести Македонија Топ вести

Набавените средства по 1999 година не се евидентирани во финансиската евиденција – ревизорите со неповолно мислење за МО

Министерството за одбрана доби неповолно мислење од Заводот за ревизија за вистинито и објективно прикажување на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со законската рамка, упатства и воспоставените политики. Ова е наведeно во Извештајот по ревизијата споведена од март до јули 2023 година, а објавен денеска, во кој се наведува дека вредноста на постојните средства во финансиските извештаи на Министерството за одбрана не е реална, поради тоа што набавените средства по 1999 година не се евидентирани во финансиската евиденција.

Според финансиската евиденција, вредноста на земјиштата, шумите, градежните објекти и опрема на Министерството се со непромената состојба како пред 24 години.

„Вредноста на сите евидентирани градежни објекти изнесува 1.410.613.557 милијарда денари, а проценетата вредност само на градежните објекти издадени под закуп изнесува 2.273.270 милиони денари, евидентно станува збор за големи разлики помеѓу фактичката, односно реалната вредност на градежните објекти на Министерството и евидентираната вредност во сметководствената евиденција“, наведуваат ревизорите.

На овој начин, констатираат ревизорите, Одбрана нема комплетни податоци за имотот кој го користи. Исто така, не е обезбедена ниту целосна документација за недвижниот имот купен за Мисијата на Македонија во НАТО.

Иста е состојбата и со воената опрема и вооружувањето, за кои исто така не се води финансиска евиденција, туку само се евидентирани количински, поради што не се знае вредноста на опремата и вооружувањето на македонската армија.

Започната трансформација на Армијата во 2019 година, ревизорите констатирале дека не се одвива навремено што има импликации врз буџетот на Министерството, но и развојот на одбранбените капацитети и на зацврстување на националната безбедност.

Ревизорите утврдиле и дека не е воспоставена финансиската евиденција на набавка и трошење на залихата на материјали, резервни делови и ситен инвентар. Дел од постапките за јавни набавки и реализацијата на дел од договорите не се вршеле согласно законската регулатива, а не се целосно прикажани ниту обврските кон добавувачите.

Во Министерството нема воспоставена ниту евиденција со податоци за бројот на службени станови дадени со право на откуп на рати кои потекнуваат од станбениот фонд на поранешна ЈНА.

„Министерството нема воспоставено евиденција на склучените договори, ниту има искажано побарувања за износот на недоспеаните рати кои произлегуваат од склучените договори. Сметководственото евидентирање и искажувањето на приходите се врши по пристигнат прилив на парични средства“, констатираат ревизорите.

Во однос на Воено медицинскиот центар утврдено е дека здравствените услуги што му ги нуди тој на ФЗО целосно се финансира од сметката на Министерството што е спротивно на законот. Утврдено е дека медицинскиот кадар од ВМЦ нема склучени договори за работа во системот на јавното здравство, со што се испушта можноста за надополнување на јавното здравство со потребен медицински кадар на ваков начин.

Ревизијата, пак, на угостителските, хотелски, рекреативни услуги и издавање под закуп на објекти на Министерството за одбрана, покажала дека остварениот дневен пазар во готово се уплаќал со задоцнување, некогаш и по еден месец, а немало ни јасно утврдени критериуми за бесплатно користење на услугите во Домовите на Армијата.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Градоначалникот на Чучер Сандево за Телма тврди: состојбата со пожарот во општината е алармантна

Дејан Дејан

Топ Тема: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања за политиканство и негрижа за настраданите во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе