11 јануари е денот кога ќе се знае со кои кадри ВМРО ДПМНЕ влегува во Техничката Влада предводена од Талат Џафери. Закажани се седниците на Извршниот и на Централниот комитет на кои треба да се утврдат имињата, но веќе се шпекулира дека Наќе Чулев ќе биде министер за внатрешни работи, а Цветан Трипуновски дополнителен заменик за земјоделство. Иако ќе учествуваат со двајца министри и тројца дополнителни заменици, ВМРО ДПМНЕ ќе гласа воздржано и за своите – поради техничкиот премиер.
Талат Џафери не ја заслужува поддршката од ВМРО ДПМНЕ. Ние ќе се воздржиме од гласање, изјави христијан мицкоски
СДСМ уште пред Нова Година ги објави своите кандидати. Остануваат сегашните министри и заменици, а дополнителни стануваат Митко Бојмацалиев во МВР и Јованка Тренчевска во Труд и социјала. Иако премиерот Ковачевски најави средба со Мицкоски токму на оваа тема, `се уште не му пратил покана. Неизвесно е и дали воопшто ќе прати, бидејќи неодамна потенцираше дека партиите комуницираат на потпретседателско ниво. Во овие рани подготовки на изборите, отворен останува проблемот со ДИК. Европскиот сојуз за промени го обвини Џафери за манипулации и ќе ја бојкотира работата на Собранието `се додека точката за избор на нивниот кандидат не биде ставена на дневен ред. Опозицискиот сојуз ја повика ВМРО ДПМНЕ да направи дополнителен притисок и да ги повлече своите двајца члена од ДИК. Најголема опозициска партија се двоуми.
Ја анализираме состојбата. Не сакаме да оставиме да продолжат да дивеат Спасовски, Ковачевски, Зечевиќ, Маричиќ, Ахмети, Османи, Груби и останатите и затоа внимателно ќе размислиме како ќе се однесуваме во периодот што следува, вели мицкоски.
Наредните денови, Талат Џафери треба да поднесе оставка од пратеник бидејќи таа функција е неспоива со премиер. Спикер ќе стане Јован Митрески од СДСМ. До 28 овој месец, Ковачевски си заминува од „Илинденска“. Таа Влада, што ја нарекуваме Техничка или Пржинска, има мандат да организира избори за пратеници и трае до објавувањето на конечните резултати од гласањето на 8 мај.
Соња Николовска