Српскиот политичар, Срѓан Ного објави две фотографии од Цитроенот со кој беше грабната 14-годишната Вања Ѓорчевска. Овие фотографии го потврдуваат она што КОД веќе го пишуваше. На едната од нив, која е од денот на грабнувањето се гледа само возилото. На другата се гледа и ликот на мажот кој управува со автомобилот, а наликува на убиениот Панче Жежовски.
Во последното истражување КОД откри дека на 27 ноември, Цитроенот е фатен во движење на околните камери, во близина на домот на Вања. Исто така автомобилот е забележан и на камери во Велес на денот на исчезнувањето на Жежовски, на 22 ноември. Еднаш, со убиениот се превезувале и две други лица, а втор пат само Жажовски, по што му се губи трагата.
Од Обвинителството тврдат, не постои опасност фотографиите што ги објави Срѓан Ного да ја компромитираат истрагата и потенцираат дека ги имаат обезбедено сите потребни докази за утврдување на траекторијата на движењето на осомничените. Сепак, велат, лицата кои ги објавуваат овие видео снимки треба да размислат за етичноста на таквите објави и за вознемирувањето што го предизвикуваат кај семејствата на жртвите.