Со видео на кое Али Ахмети пее, првиот вицепремеир Артан Груби денеска му го честиташе роденденот на партискиот лидер. И тоа не би било ништо необично доколку музичката честитка не е снимена во канцеларијата на Груби.
Иако е од пред девет месеци, видеото споделено денеска за роденденот на Ахмети, повторно го акуелизираше прашањето на користење на државни институции за партиски и приватни цели, но и со кршење на закони, како на тој за забрана за пушење.
Кабинетот на Груби во неколку наврати беше користено за активности кои не се предвидени како службени, како што е прослава на роденденот на лидерот на ДУИ во 2021 и во 2022 година, но и за спортски актвности како антистрес терапија за министрите од ДУИ, но и место за собирање и подготовка за партиски митинг.
Груби на видеото, со кое му го честиташе денеска роденденот, Ахмети, го нарече преродбеник.
Ретки се луѓето кои ја следат историјата и кои ја пишуваат историјата градејќи ја иднината. Го поздравуваме последниот преродбеник, на чело на нацијата, секогаш на вистинскиот пат! Али Ахмети со сè што е свето за албанството, на неговиот грб, денеска полни 65 години, напиша Груби на виео честитката.
Инаку видеото кое денеска го сподели Груби е од 20 март 2023, снимено во неговиот кабинет во пресрет на големиот митингот на ДУИ, насловен „Тој доаѓа“, како одговор на превирањата на чаирското крило во партијата и т.н. Огнени, кои потоа се отцепија од партијата.
На видеото се забелжливи вокалните способностои на Ахмети, на кого во пеењето му „помага“ косовскиот изведувач на патриотски песни Илир Шаќири и тројца свирачи на традиционален албански инструмент.
Амбиентот во канцеларијата на Груби е забележливо опуштена, обвиена во чад од цигари, а на која се гледа и ретко, барем во јавноста, насмеаното лице на Ахмети. Тој денеска наполни 65 години.
Тамара Грнчароска