Вести Македонија Топ вести

Иницијатива за кривично гонење на екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски ќе биде доставена од Антикорупциска до Обвинителството

Иницијатива за кривично гонење до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе поднесе Државната комисија за спречување на корупцијата против поранешниот директор на државната ЕСМ Васко Ковачевски и други службени лица вработени во ЕСМ и во Министерството за економија, кои биле дел од Комисијата за спроведување на набавката на мазут за потребите на ЕСМ/ТЕЦ Неготино.

Антикорупционерите утврдиле низа сомнежи за неправилности во постапката.

Набавката требало да ја изврши фирмата РКМ, во сопственост на Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, поранешен вработен во Пуцко Петрол на Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски од ДУИ. Сулкоски има и други фирми регистрирани на иста адреса со Јахоски и со Куштрим Смајлај, зетот на Али Ахмети.

Контроверзната фирма, која беше опфатена со скандал на транспорт на отпадно масло како мазут во Хрватска, требало да испорача 195 илјади тони мазут за 7,5 милијарди денари, или околу 212 милиони евра.

Членот на Антикорупциската комисија Горан Трпеноски, кој го работеше случајот, вели дека постои сомнеж дека толкава количина мазут не можела да биде испорачана за многу краток временски период, а во тендерската документација не било барано да се докаже дека фирмата има технички капацитет да го испорача мазутот.

Антикорупционерите утврдиле дека со анекси на договорите, на РКМ ѝ било овозможено да испорача помалку мазут за повеќе пари од првично договореното.

Биле испорачани 18 илјади тони мазут помалку, а казнените пенали за непочитување на договорите биле минимални.

Антикорупционерите се сомневаат дека функционерите несовесно работеле и ја злоупотребиле службената должност, со што предизвикале пораст на цената на мазутот, и му овозможиле поголем профит на РКМ.

Антикорупционерите утврдиле сомнежи за трговија со инсајдерски информации, даночно затајување, монополско здружување заради зголемување на цената на мазутот и други кривични дела.

За нивните сомнежи ќе ја известат владата, Комисијата за заштита на конкуренција, Регулаторна комисија за енергетика, УЈП и Финансиската полиција.

  • Не знам за какви наводни неправилности станува збор. Постапката за набавка на мазут за работа на ТЕЦ Неготино е спроведена согласно законите и прописите во РСМ. Истата беше јавна и транспарентна, и често пати објаснувана на јавноста- Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ.

КОД ја отвори темата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино на почетокот на годината. Истражувањето покажа дека условите за набавка се менувале за да ја добие токму РКМ. По објавувањето на истражувањето, Државната комисија за спречување на корупцијата по сопствена иницијатива оформи предмет да се испитаат наводите за незаконитости во набавката.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Потрошена последната тронка надеж и доверба – порачаа родителите на загинатите на протестот во Кочани

Дејан Дејан

Зеленски: Русите се подготвуваат да ја продолжат војната, игнорирајќи ги сите мировни предлози

Дејан Дејан

(Видео)Овие институции одново ги убија нашите деца – порачаа родителите на загинатите во пожарот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе