Вести Македонија Топ вести

Знамето на МПЦ повторно се вее на Попова Шапка

Знамето на Македонската православна црква повторно се вее во манастирскиот комплекс на Попова Шапка. Лицето што го симна и го замени со албанско знаме синоќа е идентификувано и приведено. Комисијата за верски заедници бара одговорност за секој обид за предизвикување омраза, раздор и нетрпеливост на верска, национална или на друга основа.

На снежните падини на Попова Шапка изутринава повторно осамна тројството што го прават 15-метарскиот крст, државното и црковното знаме на Македонската православна црква. Црковното беше вратено на истиот јарбол од кој вчера беше симнато и заменето со албанско. Тетовската полиција за само неколку часа го приведе сторителот, а по неговиот помагач `се уште трага.

  • МВР: Полициски службеници на СВР Тетово синоќа околу 23.30 часот го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј. А. Од тетовска Мала Речица. Се сомничи дека два часа претходно од јарболот на манастирот „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка, додека немало никој во верскиот објект, го симнал црковното знаме и на негово место го поставил знамето на Албанија. По второто лице се трага.

Комисијата за односи со верските заедници најостро го осуди вандалскиот упад во манастирот и побара одговорност за сторителите. Препознава две кривични дела: предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга основа и неповредливост на домот.

  • Сторителите мора да бидат најстрого санкционирани. Вакво поведение е недозволиво и ги подрива сите напори за градење здрави општествени односи во нашето кревко плурално општество- Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници на Фејсбук.

 Осуди веднаш пристигнаа од тетовските партиски ограноци. СДСМ го нарече „самоволие и кршење на законите од страна на поединци заради тенденциозно создавање верска нетрпеливост“. Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Александар Велјановски прашува „има ли држава и институции! Сведоци сме на провокации кои доаѓаат од центри кои имаат намера да испровоцираат меѓуетнички тензии“. Тој побара поголема активност од институциите и партиите кои беа гласни за поставувањето на крстот. Но токму општина Тетово, градоначалникот Билал Касами и партиите на Албанците денеска молчат.

Тензиите почнаа пред десетина дена кога Касами, како дел од Европскиот сојуз за промени, побара тргање на крстот висок 15 метри. Реагираше Достоинство, но и други политички актери, дека крстот е поставен на црковно земјиште и дека никому не пречи ниту џамијата на четири ката со минаре од 20 метри што се наоѓа отспротива. Додека партиите меѓусебно се обвинуваат, во тек е легализација на 116 дивоградби на Попова Шапка.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прво обвинение за осомничените соучесници, а подоцна и за Палчо

Палевски бара адвокати, Телма ги открива нивните имиња

Дејан Дејан

16 луѓе загинаа, а 36 се повредени во рускиот напад врз областа Харков

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе