Снимки со пациентка од психијатрија во тетовскиот Клинички центар биле раширени на социјални мрежи од страна на вработена во болницата. Случајот го пријавил сопругот на пациентката чии снимки биле неовластено направени и раширени на интернет. Од полицијата потврдија дека е приведена 46-годишната жена која е осомничена.
„Полициски службеници на секторот за внатрешни работи Тетово вчера вечер околу 20 часот и 10 минути лишиле од слобода 46 годишна жителка од тетовското село Брвеница, која претходно била пријавена од 47 годишен жител на тетовско Слатино дека во тетовската клиничка болница каде била вработена неовластено ја снимала неговата сопруга која била хоспитализирана на едно од болничките одделенија“, изјави Марјан Јосифоски, портпаролот на СВР Тетово.
Четириесет и шестгодишната вработена е задржана во полициската станица во Тетово до целосно расчистување и документирање на случајот по што ќе и биде изготвен законски предвидениот поднесок.
Директорот на Клиничката болница во Тетово, Илир Демири во телефонски разговор за Телма кажа дека дисциплинска комисија ќе има состанок денеска по што ќе одлучат за вработената за која ќе соопштат утре. Демири не сакаше да прецизира дали приведената е медицинско лице. Во болницата која ја раководи Демири ова е втор сличен инцидент на штета на пациентите.
Неодамна „ТикTок-анестезиологот“, Валтон Дервиши, кој работеше во истиот Клинички центар, од гинекологија во живо на социјална мрежа емитуваше пациентки.
Лекарската комора му ја одзеде лиценцата за работа за период од седум години поради тоа што ја нарушил довербата меѓу пациентот и лекарот. Тој пред судот призна вина и им се извини на пациентките. Пред седум месеци беше осуден на 15 месеци затвор.
Тамара Марковска