За оркестрирано и необјективно гласање во Комисијата за селекција на кандидати за новиот состав на Антикорупциската комисија, обвинува Снежана Камиловска Трповска, член на Комисијата од невладиниот сектор.
Комисијата ги предложи ревизорите Татјана Димитровска, Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во Антикорупциска, Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова-Медарска и Сервет Демири од Ревизорското тело за европската претпристапна помош за кандидати за членови на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата. Тие треба да бидат изгласани од пратениците на Пленарна седница.
Само двајца од предложените седуммина добиле високи оценки од претставниците на невладиниот сектор.
Камиловска Трповска се чуди како другите претставници на Комисијата нашле компромис токму за овие кандидати и покрај, како што вели, слабите интервјуа, одбивањето да одговорат на директни прашања за општествени состојби, како процесот на заробеност на државата или за високопрофилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК. Не беа избрани најдобрите, туку луѓе кои не покажаа знаење, вели таа.
„Одредени имиња коишто се лиферуваа во јавноста како сегашни предложени кандидати за Антикорупциската комисија, имаме одредени можности за тргување со влијание, целосна политичка и правосудна поврзаност на одредени кандидати, е уште една дамка на целиот процес, што доведува да констатирам дека имавме необјективно и оркестрирано гласање“, вели Камиловска Трповска, член на Комисијата за селекција на кандидати за ДКСК.
Комисијата за селекција имаше седум члена, четворица пратеници – Фаница Николовска од СДСМ, Берат Ајдари од ДУИ, Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ и Кастриот Реџепи, кој сега е дел од Демократското движење на Изет Меџити, кој излезе од ДУИ. Два члена беа претставници на граѓанскиот сектор – Снежана Камиловска Трповска и Никола Додов и заменик народниот правобранител Јован Андоновски, кој во времето на ВМРО-ДПМНЕ беше на државни функции.
Ревизорката Димитровска, која е предложена за претседател на новиот состав на ДКСК, добила по 100 бода од претставниците на политичките партии и 92 од правобранителот, но само по 20 бода од невладините.
Второрангираната судијка Софија Спасовска Медарска добила по 100 бода од претставниците на СДСМ, ДУИ и од Реџепи, 86 од правобранителот, 50 од ВМРО-ДПМНЕ, и 40, односно 55 од граѓанскиот сектор. Судскиот совет пред две недели не ја унапреди во Апелационен судија. Таа е сопруга на Филип Медарски, адвокат на поранешниот премиер Зоран Заев.
Ревизорот Зоран Богоевски има добри оценки од политичките претставници и од правобранителот, но ниски од невладиниот сектор.
Бесник Џемаили добил политички стотки, но само 18, односно 26 бода од невладините.
Сервет Демири и Билјана Каракашова-Шулев немаат големи разлики во бодувањето.
Срѓан Стојанчов