Семејствата со приходи до 50.000 денари, кои имаат школски деца, во наредните шест месеци ќе добиваат по 1.200 денари месечно за основец и по 1.800 денари месечно за средношколец. Со оваа владина мерка ќе бидат опфатени 105.000 ученици.
Околу 15.000 студенти кои студираат надвор од местото на живеење, во наредните седум месеци, ќе добиваат ваучер за превоз од 600 до 1.200 денари месечно.
Пензионерите со пензии до 14.000 денари, во наредните пет месеци ќе добиваат владина помош од 3.000 денари месечно, оние со пензии од 14.000 – 16.000 денари, ќе добиваат по 2.000 денари месечно, а оние со пензии меѓу 16.000 и 19.000 денари по 1.500 денари месечно. Од ова ќе се офајдат повеќе од половина од пензионерите, односно 187.000 луѓе.
Владата на денешната седница го донесе деветтиот пакет антикризни мерки за помош на граѓаните и стопанството во вредност од 662 милиони евра.
Предвидени се пари за зголемување на платите на администрацијата, помош за земјоделците, субвенционирање на сметките за струја и парно, како и субвенции за енергетска ефикасност, односно за поставување фотоволтаици за производство на струја, за поставување на соларни бојлери за топла вода и за ПВЦ врати и прозорци. Помошта за приватниот сектор од над 400 милиони евра во најголема мера е преку поволни кредити.
Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека за овие мерки веќе се предвидени пари во буџетот и оти тие пари не се од задолжувања.
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека овие мерки не се поврзани со изборите, и покрај тоа што помошта за ученици, студенти и пензионери ќе трае пет до седум месеци и ќе заврши некаде околу изборите. Tој се надева дека економската состојба во наредните месеци ќе се подобри.
Според последните статистички податоци од 2020 година, секој петти граѓанин во земјава, односно скоро 400.000 луѓе живеат во сиромаштија. Секое трето дете до 17 години живее во сиромаштија. Со огромните поскапувања од изминатите две години, таа бројка сега е веројатно повисока.
Срѓан Стојанчов