Вести Македонија Топ вести

ДКСК ќе „чешла“ набавки во Лотарија со донатори на ДУИ по емисијата на КОД

Антикорупциска ќе ги проверува јавните набавки на Државна Лотарија, откако во емисијата КОД беше обелоденето дека сопствениците на фирмите „Арбериа“ и „Литера“ биле донатори на партијата ДУИ од каде доаѓа и првиот човек на акционерското друштво, Перпарим Бајрами.

„Во однос на наводите дека фирмата „Арбериа“ и „Литера“ добиваат тендери од Лотарија, а нивните сопственици биле донатори на партијата во 2011 и 2015 година, Државната комисија за спречување на корупцијата дополнително ќе преземе активности за проверка на јавните набавки спроведени во Државната лотарија во кои се избрани наведените правни лица“, наведуваат од ДКСК.

Воедно од ДКСК го цитираат и законот според кој партиите не може да се финансиираат од фирми донатори.

„Согласно член 20, став 1, од Законот за финансирање на политичките партии, политичките партии не можат да се финансираат од приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор“, посочуваат од институцијата.

За првпат годинава во „Арбериа“ влегува во трката за тендерите на Лотарија.

Тендери на Лотарија- Повисоки цени, донатори на ДУИ и милиони за маркетинг

За ребрендинг на корпоративен бренд и рекламна кампања ќе наплати скоро 289.000 евра. Ова е и еден од најголемите тендери за оваа намена.

„Арбериа“ веќе има соработка со институциите раководени од кадри на ДУИ, а сега листата е збогатена и со Лотарија. Фирмата е формирана во 1998 година. Нејзин сопственик е Хасим Хамзаи. Во 2015 година донирала 20.000 евра на партијата ДУИ.

Уште една фирма добитник на тендерите на Лотарија се поврзува со ДУИ и со „Арбериа“ – „Литера Груп“ која годинава добила четири тендери. Два од нив за печатени и брендирани материјали за промотивни активности со вкупна вредност од 134.000 евра.

И два тендери со истата сума по 57.500 евра за услуги од маркетинг агенција за поддршка на ЛОТО и Џокер и за организација, техничка поддршка и изведба на повеќе поединечни промотивни настани и каравани.

Сопственикот на „Литера“, Афет Иљази не само што претходно работел и во „Арбериа“, туку и неговото име е на листата на донатори на ДУИ. Во 2011 година, тој на партијата и донирал 100.000 денари или нешто над 1.600 евра.

Во бизнисот со Лотарија влегле и други членови до семејството на Хамзаи, првиот човек на „Арбериа“. На релативното новата фирма „Демент“, формирана во мај минатата година, и требале само неколку месеци да го добие првиот тендер и тоа од Лотарија. Па, се наредиле уште три. Договори вкупно вредни околу 55.500 евра. Фирмата има двајца сопственици, а едниот од нив е Ермир Хамзаи, кој всушност е син на газдата на „Арбериа“. Двете фирми делат и иста адреса.

Од Лотарија до денес не добивме одговор дали поврзаноста на овие фирми со ДУИ одиграла улога во нивниот избор на тендерите.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рашче под притисок, дивите приклучоци го уништуваат капацитетот

Дејан Дејан

Разговори за можно примирје во Појасот Газа во Белата куќа- Нетанјаху на вечера кај Трамп

Дејан Дејан

Продолжуваат спасувачките напори во Тексас – над 100 загинати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе