Зад решетки во Идризово заврши 44-годишната Розмарин Стојковска по која имаше распишано шест потерници за издржување на затворска казна од 8 и пол години. Таа вчера беше уапсена во Битола. Стојковска како поранешна вработена во УЈП во Скопје ги злоупотребувала податоците на даночните обврзници со што успевала да ги измами за да им земе пари како противуслуга за добивање на државна помош или државни субвенции за кредит. Успевала да измами и луѓе на кои им земала пари нудејќи им наводна помош за добивање на инвалидска пензија или помош за ширење на бизнисот.
МВР потврди дека бегалката од законот е уапсена по што е префрлена на издржување на казната во Идризово. При претресот на нејзиниот дом во Битола, како што информира МВР, пронајдени се предмети кои потекнуваат од кривични дела, како и предмети кои ќе помогнат во расчистување на претходно пријавени кривични дела.
Во Кривичниот суд има 5 предмети поврзани со Стојковска. Во октомври 2019 година била осудена на 1 година затвор за измама, односно лажно се преставила дека е вработена во УЈП и од оштетеното друштво прибавила 33 мобилни и пари во размена да намали изречена казна од УЈП.
Апелациониот суд наредната година во октомври донел отповикување на условната осуда од 2 години за дело кое била осудена од судот во Велес. Наредната 2021 е осудена на 1 и пол година затвор, исто така за измама. Таа е осомничена и во други активни истраги за извршени кривични дела измами, злоупотреба на лични податоци и неовластено влегување во информатички систем.
Во 2019-та емисијата КОД на Телма објави повеќе продолженија за оваа сериска измамничка.
На горната шема се прикажани неколку случаи од повеќе години, во 2017-та Розмарин Стојковска успеала да измами бизнисмен кому податоците му ги нашла преку системот на УЈП и му зела 19 илјади евра за да му помогне службено да добие средства за зголемување на семејниот бизнис. Парите ги барала како обврска и депозит за државнатa помош.
Во 2018-та, на една жртва и зела 26 илјади евра за наводна процедура за отварање на фризерски салон, по што го сменила телефонот и не и се јавувала. Наредната 2019-та, измамила даночен обврзник кому му зела 20 илјади евра за помагање при остварување на партнерство во фирма. Освен убедливоста во разговорите, Стојковска ги користела и податоците од државните бази за да „докаже“ дека всушност го прави тоа (им помага) како државна службеничка од УЈП.
Стојковска поради дисциплински постапки беше отпуштена од УЈП. Но, судовите ја вратиле на работното место каде имала пристап до податоци на даночни обврзници, поради технички пропусти со врачувањето на отказното решение. Отказот бил примен со задоцнување од 4 дена по законскиот рок. По враќањето на работа Стојковска продолжила да ги користи податоците и да ги контактира жртвите со цел да ги измами.