Само четири државни институции ги користата услугите на Центарот за опоравување од катастрофи во близина на Прилеп, кој резервна база за клучните информациски системи и во брзо време обезбедува рестартирање доколку од било кои причини се изгубат податоците. Тука се чуваат податоците на Министерството за внатрешни работи, Центарот за управување со кризи, Царината и Државниот завод за статистика, а МВР под чија надлежност е оваа установа преговара и со петта државна институција. Нема закон кој би ги обврзал институциите задолжително да ги користат услугите на Центарот.
- Тоа е еден облигационен однос меѓу министерството и институцијата која ги чува тука податоците, за важноста колку е значајно да ги заштитиме податоците покажуваат и сајбер нападите и сајбер заканите што ги имавме минатиот период, вели Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
На хакерски напади беа изложени повеќе државни институции, а еден од поголемите беше нападот врз Фондот за здравство, кој не ги користи услугите на ИКТ Центарот во Прилеп, поради што требаше подолго време за да се стави во функција системот на ФЗО. Спасовски вели дека дел од институциите во државата се подготвени да ги користат услугите на Центарот, а дел треба да вложуваат во опрема.
- Се отворија перспективите на раководителите на институциите дека мора секоја година да се вложува во заштитатат на електронските податоци, бидејќи вие денес можете да вложите но, за 6 месеци тоа не е релевантно. Тоа мора да се обновува, бидејќи сајбер нападите можат да имаат многу поразорна моќ од вистинските воени дејствија, рече Спасовски.
Овој објект е изграден со средства обезбедени од европските фондови и од буџетот на МВР и чини околу 11,5 милиони еврa. Се наоѓа во близнина на Прилеп. Локацијата е избрана како сеизмички најстабилна, со мали ризици за поплави, а објектот е со највисоки безбедносни стандарди, беше речено денеска при посетата на ИКТ центарот од страна на премиерот Ковачевски и министерот Спасовски.
Емилија Мисирлиевски