Сите кригли полни со пиво и навивачите веќе насобрани по локалите. Знамињата со симболи на локални фудбалски клубови од Англија на два дена се преселија кај нас. Вечер тие ќе бидат декор на оние кои допатуваа во Скопје да ја следат својата репрезентација.
Скопскиот кеј е местото кое важи како собиралиште. А, дотаму полицијата од рано утрово ги блокира сите пристапи. Како и секогаш, Англичаните се убедени во победа на својата репрезентација.
Голем број од нив за првпат доаѓаат во Скопје. Им се допаѓаат цените, им се допаѓа и градот. Иако се први во групата и веќе се квалификувани на Европското првенство, поделени се околу тоа дали сакаат нивниот менаџер Герет Саутгејт да остане селектор и по овој натпревар кој е последен во квалификациите.
„Англија ќе победи 4:0, со три гола на Кејн.
- А, како ви се допаѓа Скопје?
Прекрасно е. Убав е градот.
- Какви се цените на пивото?
Одлични!
- А, храната?
Да не почнуваме за храната, само што јадев ладна карбонара.
- Што е вашата порака до менаџерот Герет Саутгејт?
Да си оди!
„Кејот е навистина убав. Сместени сме во Старата скопска чаршија и навистина нѝ се допаѓа локалната култура. Не ми се допаѓа тоа што сме опколени со полиција, но генерално Скопје е навистина убав град.
- За првпат сте во Скопје?
Да, дојдовме овде преку Албанија со минибус, патувавме преку планините и пејзажот беше фантастичен. Вечер ќе се враќаме во темница. А, овде луѓето навистина се гостопримливи.
- Што е вашата порака до Герет Саутгејт? Треба ли да си замине?
Не! Тој е добар менаџер, добро играме и тој треба да остане.
„Досега сѐ е добро. Убаво е местото.
- За првпат сте во Скопје?
Да, за првпат. И уживам.
Англиските навивачи секогаш се интересни за јавноста – каде и да гостуваат. Одат во голем број, а проценките се дека и вечерва ќе ги има околу две илјади на стадионот. Поради тоа има огромно полициско обезбедување речиси низ целиот град, а особено по рутата каде што англиските навивачи ќе бидат спроведени до Националната арена. Натпреварот нема никакво резултатско значење ниту за двете репрезентации. Англискиот селектор Саутгејт пред натпреварот оцени дека е повредена гордоста на нашата репрезентација по седумте примени голови на гостински терен во Англија. Нашите репрезентативци најавуваат дека ќе бараат одмазда. А, и нашата и нивната јавност по вечерашниот дуел ќе оценува – колку е успешен репрезентативниот циклус.
Петар Догов