Петнаесетметарски крст во манастирскиот комплекс „Свет Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка ги зовре политичките страсти во Тетово.
Беса обвинува дека крстот е нелегално поставен, во договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Од ДУИ, пак, жестоко реагираат за поставениот крст за што сметаат дека е подигнат во договор меѓу ВМРО и Беса и побараа одговорност од Општина Тетово.
Од Општина Тетово велат дека крстот е поставен без соодветна дозвола и за случајот е свикана вонредна седница на Советот.
Од црковниот одбор при манастирската црква „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка информираат дека крстот е поставен како верско обележје и претставува урбана опрема.
„Крстот не е поставен на државен имот. Крстот е поставен на црковно земјиште, како верско обележје и претставува урбана опрема“, информира Богосав Божиновски, член на црковниот одбор.
Во врска со 15-метарскиот крст на Попова Шапка се огласи и претседателот на Kомисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски. Тој преку Фејсбук повика на внимателност и воздржаност од сите за ситуацијата околу Попова Шапка.
„На Попова Шапка со години наназад гради кој каде ќе стигне. Тоа и покрај повиците на многумина стручни лица, но и сопственици на викенд куќи и хотелиери, Општина Тетово не најде за сходно да го разреши преку усвојување на урбанистички планови и соодветно одобрување на изградба, поставување времени објекти, опрема и инсталации, но и соодветна непристрасна и неселективна надзорна и казнена поставеност. За разлика од многубројните објекти, на катови и со оградени дворови на државно земјиште, Крстот е поставен на манастирски имот и прашање е дали било каде во земјава за поставување на крст во двор на манастир некој дал дозвола. Крстот е верско обележје. Што правиме со многуте објекти профани и сакрални изградени на државно земјиште? Ете, на Попова Шапка такви има насекаде. Зошто за ниту еден од нив до сега не заседаваше вонредно Советот“, прашува Сотировски.